Тортава ја меркам веќе неколку месеци да ја направам бидејќи многу вкусна ми се виде. Со самото украсување ми беше предизвик да ја направам, па се одлучив и таа да биде мојот 100-ти рецепт.
Сакам да изразам благодарност до МоиРецепти што ми го овозможија ова дружење, до сите готвачи, од кои научив многу, а и веќе мои виртуелни пријателки и да упатам поздрав до сите посетители на оваа прекрасна страница, со тоа што ќе ве почестам со оваа тортичка.

1. Се двојат белките од жолчките. Со миксер се матат белките, со додавање на половина од шеќерот, лажица по лажица, додека да се направи цврст снег од нив. Жолчките густо се матат со другата половина од шеќер. Го просејуваме брашното, какаото и пецивото и постепено ги додаваме директно во жолчките, меѓутоа многу внимателно мешаме, а воедно наизменично ставаме и од белките. На тој начин смесата треба да ни остане воздушеста. Откако сите состојки внимателно ќе ги измешаме го додаваме растопениот путер и повторно промешуваме. Се пече во тавче бр. 26, на хартија за печење, во загреана рерна на 180 степени околу 20-25 минути. Ја оставаме да се лади.
2. Јаткастото овошје го сечкаме и го ставаме да се потпече во тавче на оган, со постојано мешање. Шеќерот го ставаме со путерот да се стопи, да се карамелизира, а тоа се некои 2-3 минути. Се трга од оган и му се додава малку од врелата млечна павлака (ако не е врела ќе се направат грутки и многу ќе прска). Се меша и се враќа на оган, па му се додава остатокот од павлаката. Кога карамел преливот ќе се згусне му се додаваат јаткастото и сечканото суво овошје.
3. Печената кора ја ставаме на соодветна чинија и ја преливаме со рум, растворен во малку вода, со помош на лажичка за да насекаде биде натопена. Ставаме обрач, а од внатрешна страна, помеѓу обрачот и кората јас ставив хартија за печење (најдобро е траки од ацетатна хартија, ама јас такво нешто немав, па се снајдов вака) за да може висината на тортата да биде колку јас сакам (односно колку што е широка тортата). Врз кората го истураме карамел преливот, убаво размачкуваме насекаде. Оставете да се стегне.
4. За мусот се матат во густ крем жолчките и шеќерот. Се додава свежото млеко и 100 мл од течната павлака. На слаб оган во сад што не лепи, се припрема крем од овие состојки. Се трга настрана кога ќе почне да се лепи за лажицата и да остава густи трагови. Кремот го истураме во стаклен сад и во него го ставаме чоколадото кое е искршено на коцки. Мешаме се додека да се стопи. Го оставаме добро да се излади. На крај ја матиме течната павлака и внимателно ја додаваме на чоколадниот крем. Го истураме чоколадниот мус врз тортата. Ја оставаме да се стегне, најмалку 5-6 часа, па затоа е најдобро да се прави навечер.
5. Тортата ја ослободуваме од обрачот, внимателно ја вадиме хартијата за печење. Ја облепуваме со бадем листови од страна. Ја посипуваме со какао со просејување.
6. За украсување, карамелизираме шеќер во еден сад. Боцкаме чепкалки во лешниците и ги потопуваме во карамелот. Ги подигнуваме за да направиме тенка нишка (која ја сечеме со ножици, ако многу се продолжи) и чепкалката ја боцкаме во јаболко кое ни е ставено во чаша.

Забелешка
Користев течна павлака за готвење, освен во делот кај се мати павлаката, таму додадов 150 мл од слатка павлака (немав веќе течна, т.е. за готвење.). Се надевам дека ако пробате и со слатка павлака да ја направите цела торта, ќе испадне убава. Ама оригиналниот рецепт е со течна млечна павлака за готвење.
Се трудев убаво да го објаснам правењето на оваа торта. Можеби ви изгледа комлицирана и дооолга постапката, ама навистина е едноставна, а крајниот резултат воодушевува. При припрема на украсните лешници ако почне да ви се стегнува карамелот вратете го на оган. Украсните лешници не трпат влага, па така е добро да ги ставите на суво место (не во фрижидер) и да ја украсите тортата непосредно пред послужување. Шољата е од 150 мл.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани