Еве го и мојот јубилеен 200-ти рецепт.
Пред извесно време на нет случјно наидов на фотографија од ваква торта, но рецепт немаше. Уште тогаш одлучив да ја направам за мојот 200-ти рецепт, според комплетно мој рецепт.
Малку бев скептична дали ќе излезе, ама сега сум задоволна од крајниот резултат.

Најпрвин подгответе го црниот пандишпан.
Во длабок сад изматете ги јајцата и шеќерот. Откако ќе станат пенести додајте ги млакото и маслото и матете уште малку.
Додајте го брашното измешано со пецивото и измешајте со жица за матење.
На крај додајте го какаото и чоколадните капки(солзи).
Измешајте убаво. Смесата истурете ја во округол калап со обрач и печете на 180 степени, 25-30 мин(зависно од рерната, но најдобро проверувајте со чепкалка).
Откако ќе се испече оставете да се олади, па исечете ја на 2 дела.

Потоа направете ги жолтите пандишпани.
Состојките што ги напишав се за еден жолт пандишпан, а јас направив 3.
Изматете ги јајцата со шеќерот и ванилата.
Откако убаво ќе се изматат додајте го брашното и измешајте со жица.
Правоаголен плех премачкајте го со масло и ставете хартија за печење. Истурете ја смесата и убаво израмнете ја.
Печете на 180 степени, 10 минути.
На ист начин направете ги и останатите два.
Откако ќе се испечат завиткајте ги во сува крпа и оставете да се оладат, а потоа пресечете ги на 2 дела вертикално.

Фил
Маргаринот изматете го пенесто со шеќерот во прав, а потоа додавајте ги жолчките една по една со постојано матење.
Во подлабок сад ставете ги мелените ореви и попарете ги со врелото млеко. Измешајте убаво и додајте ги во изматениот маргарин и со најмала брзнина на миксерот соединете ја смесата.

Секоја лента од жолт пандишпан премачкајте ја со мармалад.
Првата лента завиткајте ја во ролат. Ролатот исправете го и околу него во продолжеток завиткајте ги останатите ленти пандишпан.

На подлога за торта ставете една половина од црниот пандишпан.
Одозгора ставете од филот. Над него ставете го ролатот од жолтиот пандишпан, а врз него остатокот од филот. Најгоре ставете ја другата половина од црниот пандишпан.
Целата торта премачкајте ја со изматената слатка павлака и декорирајте со чоколадни капки, или пак по ваша желба.

Оставте ја тортата во фрижидер да отстои преку ноќ.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани