Кетина јубилејна торта или Идила торта (500ти рецепт)
Драги пријатели, стигнав и до мојот 500 рецепт. Ви споделувам уште едно убаво слатко задоволство, работено по мојата фантазија и искуство..
Ви препорачувам да ја направите оваа вкусна торта за Вас и Вашите најмили.
Јас дома веќе ја послужив со чаша бело вино, па се заблаживме и наздравивме за мојот голем јубилеј.
Нема поубава глетка од задоволните лица на најмилите, по вкусувањето на моите дела, па верувам дека набрзо ќе дојде и нова стотка на мои рецепти.
На тимот од Мои рецепти им благодарам за подршката, Вас мои драги пријателки со кои споделуваме рецепти, ви благодарам за споделените вештини и умеења со храната, убавите коментари и совети.
Се радувам на дружбата што следи, а која ни ја овозможи овој прекрасен блог.
А сега да ја објаснам постапката по која ја правев оваа јубилејна, богата, вкусна торта.
Прво тесто
Во вангличка се ставаат 4 белки, а жолчките се тргаат на страна во една чаша.
Се матат белките со миксер, да зацврснат па се додава шеќерот.
Се мати додека се растопи шеќерот и се исклучува миксерот.
Се додаваат 4 лажици мелен потпечен лешник и една лажица брашно.
Лесно со шпатула одоздола нагоре се соединуваат сите состојки.
Смесата се става во модла бр.26 претходно обложена со хартија за печење.
Се печи околу 10 минути на 180 степени.
Се вади на решетка да се излади и се одстранува хартијата.
Второ тесто
Во вангличка се ставаат 4 белки, а 4 жолчки се тргаат на страна во една чаша.
Се матат белките во цврст снег, па се додаваат 4 лажици шеќер и се мати додека не се растопи.
Се исклучува миксерот и постепено се додаваат 1 лажичка просеано квалитетно какао, 1 лажица брашно и 4 лажици мелени потпечени ореви.
Смесата се става во округла тава бр 26, претходно обложен со хартија, убаво се израмнува и се печи околу 10 минути на 180 степени.
Се вади на решетка да се излади и се отстранува хартијата.
Трето тесто
(За мене нов начин на подготовка, но презадоволна)
Во вангличка се ставаат 4 белки, а жолчките се оставаат во чаша на страна и се матат во цврст снег. Се додава шеќерот и се мати додека се растопи.
Се исклучува миксерот и се додава 1 кесе прашок за пудинг со вкус на ванила, 3 лажици мелен лешник, и на врвот на ножот пециво.
Се става смесата во калап бр 26 , претходно обложен со хартија, се израмнува убаво и се печи околу 12 минути на 190 степени.
Се вади на решетка да се излади и се одстранува хартијата.
Начин на подготовка на кремовите.
Прв крем
Во касерола се ставаат 500 мл млеко, 5 лажици шеќер, 4 жолчки, 4 лажици густин.
Кратко се соединуваат со миксер.
Се става на тивок оган и се вари смесата до згуснување.
Се истура во еден сад и се покрива со прозирна фолија, за кремот да не фати коричка.
Се остава да се излади.
Кога е изладен му се додава 125 гр изматен путер. Се додаваат 120 гр мелени потпечени лешници.
Втор крем
Во касерола на тивок оган се ставаат 180 гр квалитетно чоколадо за готвење и 180 мл слатка павлака. Се промешуваат да се соединат но не смее да провријаат.
Се оставаат на страна да се излади.
Трет крем
Во сад се налева вода и се става на шпорет да се загрее и почне да врие.
Над него се става сад во кој има 8 жолчки, 8 лажици шеќер и се мати со миксер над пареата, се додека жолчките убаво не се згуснат. Треба да се прави пат по садот.
Се остава да се излади.
На изладените жолчки им додаваме 125 гр изматен путер, 120 гр мелен потпечен лешник, 3 лажици мелен потпечен орев.
Сега го матиме кафениот крем со миксер, да се згусни. Потоа на овој крем додаваме 4 лажици од кремот со жолчките над пареа.
Убаво промешуваме.
Така спремен е кафениот крем.
Во првиот крем со сварениот густин и жолчки ставаме 2 лажици од кремот со жолчки.
Убаво промешуваме да се соединат.
Начин на редење на тортата.
Се зема калап со обрач, кој после ладењето на тортата може да се одстрани.
На дното на калапот се става првото тесто.
Врз него убаво се става од кремот со чоколадо, пообилно.
Нека стегни 10 минути, па врз него се става од кремот со варениот густин (прв крем)
Сега се поставува кафеното тесто.
Врз кафеното тесто убаво се нанесува жолт фил
Убаво се израмнува и нека одстои 10 минути.
Потоа врз него се става од кафениот фил, убаво се израмнува.
Сега го ставаме третото тесто, тоа со пудинг во прав.
Нежно притискаме.
Сега ни останаа 3-4 лажици од првиот фил и го спојуваме со кремот од жолчките над пареа.
Убаво го нанесуваме над третото тесто.
Ја оставаме тортата 3-4 часа во фрижидер да се стегни и спојат вкусовите.
( за тоа време го средуваме хаосот кој настанал во кујната, хахаха)
Сега го вадиме обрачот од модлата на закопчување.
Пристапуваме кон декорација на тортата.
Над пареа растопуваме околу 70 гр чоколадо.
Го оставаме малку да се подизлади, го ставаме во готварска кеса, па врз хартија за печење правиме чоколадни украси.
Ги оставаме да се стегнат.
Сега во сад над пареа растопуваме 150 гр квалитено чоколадо.
На работната маса кроиме парче фолија (за пакување со топчиња) во висина на тортата и со обем колку да ја завртиме цела торта.
Топлото чоколадо го намачкуваме на фолија одприлика секаде рамномерно.
Чекаме 1-2 минути да почне да се стега, односно при допир на раката да немаме траг од чоколадо, а сепак да биде малку меко.
Веднаш ја завиткуваме тортата со пуцкетавата фолија.
Оставаме одприлика околу 5 минути чоколадото убаво да стегне.
Сега внимателно кај спојот го фаќаме едното крајче од фолијата и нежно влечиме.
Многу лесно се одстранува.
Сега во сад матиме 130 мл слатка павлака до зацврстување.
Долниот и горниот дел на тортата ги украсуваме со слатка павлака со помош на шприц.
Ја завршуваме декорацијата со златни бомбони, чоколадни украси, јас ставив 5, како некоја симболика, и една златна ружичка од локум.
Нестрпливо чекаме барем 30 минути и тортата ја послужуваме
Пријатен апетит.
Лиценца: Сите права се задржани