Бидејки пред некој ден поставив рецепт за пралини, делот за калапите и чоколадото ќе го пастирам и ќе си допишам што треба.

За премачкување на калапите чоколадото се топи на пареа. Пробав еднаш демек на тивко директ на оган и тоа чоколадо заврши во канта. Се згрутчи, да ти одмили благо колку грдо стана.
Пареа си е пареа. Никогаш повеќе нема да ме мрзи да склопувам тенџериња едно во друго. Искусните викаат дека не смеело вода (пареа) да го допре чоколадото, ама таа беља уште не сум ја направила за да ви кажам последици. Само оваа со топењето =))

Моето веќе богато (намиг намиг) искуство во премачкување калапи за пралини ми го кажува следново
Од како ќе се растопи убаво чоколадото, се меша да се соедини со зејтинот и се остава да се олади и згусне. По желба може да се додадат циметот, каранфилчето и/или морското оревче за шмек на чоколадото.

Со погусто чоколадо и силиконска четка поубаво се мачкаат калапите. Кога е потопло чоколадото, се слева по калапите и ѕидовите остануваат празни или со тенок слој на чоколадо кој при вадење на пралините од калапи ќе се скрши. Се мачка го средината на калапчето кон страните, така е најлесно и најбрзо.
Кога е погусто чоколадото, потребни се само две премачкувања, од кои второто се завршува многу побрзо бидејки е корекција. Не се секирајте ако од внатре личат грди, рашлапани и сл. никој тоа нема да го види. И уште нешто. Поубаво е ѕидот на калапите да е премачкан со подебел слој чоколадо. Полесно ќе се извади од калапот, а ако стои на собна температура нема да се здроби ако некој проба да си земе (упс, уште едно искуство)
Се премачкуваат калапите, се ставаат во фрижидер, пак се премачуваат и пак во фрижидер.

Е сега. Овие пралини се правени во две бои. Може и во повеќе, ама немав време. Сакав да бидат зелени со црвени машнички, ама ќе мора да остане за друг пат.

Белото чоколадо се топи исто како и темното. Се обидов да ги полнам машничките со кесе за замрзнување со исечен врв и не ми успеа. Многу ми се разлеваше и не можев прецизно да работам, па во зорт и на нервна база смислив друго.
Земав шприц, ама не за класичен слаткарски, таков не ни имам додуша, туку ШПРИЦ ЗА ИНЕКЦИИ, онаков од аптека =))
Парче направив со него. Ептен лесно и убаво беше за работа. Па ако некому му треба идеја, еве ја.
Треба да се внимава кога се работи со шприцот да се празни помеѓу две употреби за да не се стврдне малата количина на чоколадо што ќе остане во него. Нема да може да се употребува после. Ова не ми се случи, ама блиску беше =))

Доколку сакате да ги правите пралините во повеќе бои користете бело чоколадо. Од кога ќе се стопи, поделете го во помали садови и додадете прехрамбени бои растворени во неколку капки МЛЕКО! (ако се боите во прав)
Никако да не се раствараат во вода ќе се згрутчи чоколадото. Ова искуството говори. Летаа партали по канти =)))
Не се обидувајте да додадете боја во прав директ во чоколадото, многу е густо и нема да се растворат убаво. Ова пак моето фушерско искуство зборува. Секој пат кога ќе пробам да забушам нешто ми се мава од глава =))

Премачкувањето е следно.
Во случајов бело со црно чоколадо. Бидејки белото треба да биде на горниот дел на пралината, мора да се стави прво во калапот, па така, прво со бело чоколато се пополнуваат деловите кои сакаме да се бели. Оставаме во фрижидер да се стврднат убаво за да не се испоразмачкаат кога ќе се нанесува слојот од темно чоколадо (или друга боја)
Се нанесуваат уште 2-3 слоја од темното чоколадо по ѕидовите и се полнат пралините.

Полнењето

Слатката павлака се става во садот за матење. Се додава инстант кафето растворено во малку вода. Поубаво се соединува со павлаката ако е растворено (фушерското искуство говори, сфати ме озбилно) =))
Количината на кафе зависи од тоа кој вкус сакате да го постигнете, па прилагодете ја по вас.

Кога слатката павлака е убаво згусната се полнат пралините со смесата (готварски шприц или кесе за замрзнување со исечен врв), се оставаат да се стврдне и на крај се затвараат пралините со стопено чоколадо.

Морав вака детално да објаснам за премачкувањето, за да не морам на моите другарки од Ќошето да ѝ пишувам на секоја посебно како се прави, а сите се аматери како мене. Само што јас имав храброст да фатам четка и шрпиц во раце, а тие се нудат да дојдат на гости. Класика =))

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови