Кадаифот се кини на мали парченца, се додава путерот насечкан на мали коцки, се става во микробранова за 30-40 секунди или додека се растопи путерот. Потоа со рака се ,,размесува,, за целиот кадаиф да се намазни.
Се распределува во калап за мафини и со мала чашка или нешто друго се притиска за да се оформи ,,кошничка,,. Во кошничките се додава по една лажица мелени ореви и се притиска малку, се става во рерна претходно загреана на 150-170 степени. Се печи 40-50 минути или додека кадаифот не добие златна боја.
За шербетот во една касерола се става шеќерот и  се додава 2/3 чаша вода, се додава и лимонот и се става на оган да се вари. Топлиот, но не врел шербет се додава на туку што извадените од рерна кошнички (шербетот треба да започне да врие) и повторно се враќа во рерна за 1-2 минути. Се остава да излади целосно, а за тоа време се подготвува кремот.

Во касерола се става 1/2 од млекото, шеќерот, ванилата и се става на оган. Во друг сад се ставаат жолчката и брашното, се промешува со жица и  се додава другата половина од млекото. Се промешува повторно убаво за да нема згрудено брашно и му се додава солта. Откако млекото кое што е на оган зоврие, постепено се додава на смесата со јајцето при што постојано се меша. Се враќа во касеролата и се поставува на оган и се меша додека не се добие пудинг, На крајот се трга од оган и се додава путерот. Кремот се остава да излади и потоа со изладениот крем се полнат изладените кошнички.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови