Рецептот е на Вера, една стара пријателка на мајка ми која одамна се отсели во Америка и долго ја немав видено. И ја среќавам на Широк Сокак, свежа, “Американ уеј“, па седнуваме да пиеме кафе... Е, од муабет, на муабет, на ливче ми го запиша овој рецепт, без име...
Ви го пишувам “во оригинал“...

“Земи пола кило кори од танките за баклава, ако ти се во фризеро извади ги и клај ги во фрижидеро од вечер.
12 јајца и 1 шола шеќер убо ги бијеш, додај му 1 бакин прашак и да биди бијано за да можиш да напишиш едно слово на него, после му турваш 1 шола масло и убо бијано 5 минути.
Ги земаш корите во тавчето, прво го мачкаш со масло, ставаш две кори право, ако е голема ќе ја собериш. После земаш со шола и турваш од јајцата да фати секаде исто со сите кори на секоја фтора му турваш. Ќе остајш две кори за згора клај ги право. Ако остани од јајцата тури го сето одозгора.
Печи го на 190,  45 минути, пробај го дали је печено, јас со сламка од метла по старо, ако е сува готов је.
То можиш да си го напрајш, да го испечиш од вечер, остај го, нема гајле по убо се прај.
Од кога се испечи сечи си го ладно.
За шербето 3 шоли шеќер, 2 шоли вода, ванилија, од кога ќе зоврије клај го лимоно 10 минути да вари и тури го одозгора.
Ај оп, да ти се напрај убо, ако не јас ќе ти напрам.
Те сака Вера.“

Малку мои додавки. Јајцата со миксерот ги матам на најголема брзина, навистина долго да биди сосем густо, па го додавам пецивото, матам уште 5 мин. и постепено маслото, матејки цело време на средна брзина, и потоа повторно на најголема 5 мин. На секоја втора кора ставам по 1/2 до 3/4 шоља фил. Рерната ја загревам на 200, па штом го ставам колачот да се печи ја намалувам на 190, и некаде на половина печење покривам со фолија.
Ладниот колач го сечам и го потурам со подоладен сируп.
Најубаво е добро оладено во фрижидер. Иако има многу малку состојки, навистина е многу многу вкусно.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани