Конечно дојде на ред и еден кумановски рецепт од мојата баба Цана. Препеќ е сукана пита, карактеристична за севернита наша соседна држава. Бидејќи потекнувам од српска фамилија, баба ми редовно ни го сука, па нејзиното знаење го пренесе и на мене. Се надевам ќе ви се допадне.

1. Се замесува средно меко тесто. Се дели на 5 идентични топчиња и едно двапати поголемо од другите. Се оставаат десетина минути да се одморат.
2. Најголемото топче го расукуваме, го мачкаме со масло, го преклопуваме како плик, па повторно го расукуваме. Така три пати, со тоа што при секое расукување посолуваме со брашно.
3. На намрсена тепсија (најголемата што ви ја собира во рерна) го ставаме кругот од тесто, да виси од страните. Го попрскуваме со масло, ставаме од филот.
4. Потоа земаме расукуваме едно од топчињата тесто со големина колку тавчето и го ставаме во тавче, го попрскуваме со масло и со фил. Така со сите 5 топчиња.
5. На последното кругче ставаме фил и масло само од надворешната страна на кругот. Потоа го земаме делот од тестото што виси над тавчето и го покриваме тестото со него. 6. Го мачкаме со едно разматено јајце во кое сме додале една лажица масло, со силиконска четка и посоливаме со сусам. Го оставаме да стаса околу 15 минути. Печеме на 240 степени околу 25 минути( зависи како ви пече рерната).

Ако ве буни сликата, кај што има 6 топчиња + 1 поголемо....да знаете дека едно топче беше дадено на моите близначиња, да си играат, додека мама им меси...и тие мора да месат...Инаку не е вишок, ама и без него питата беше прекрасна и на сите дома ни стаса.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани