Одлично мезе за со чашка ракија или пиво, Топено сирење или Сирење во фурна е еден убав наш македонски специјалитет, кој во пицериите, ресторантите најчесто го послужуваат со убаво печено крцкаво лепче кое воглавно одозгора е обилно посипано со сусам и секако е печено во фурна. Често пати намерно сме седнувале на дегустација на оваа убавина, па конечно решив да го имам и во домашната колекција на рецепти и да го припремам дома, наблиску што можам до она што се нуди „во градот“ и тоа комплетно, онака со се лепчето.
Овој специјалитет се спрема во мали ќерамички садови, секој засебен, иако најчесто е тешко наеднаш едно лице и така цела порција да изеди.

Значи, секој ќерамички сад најпрво се премачкува со масло. Најпрво се става парчето фета сирење и со вилушка се распоредува по дното и 1-2 лажици од бешамелот. Потоа, се става ред од маринираните шампињони. Над нив се става доматното пире, или сос. Ако немате, ставете кечап. Наросете оригано. Месото исечете го на коцки од околу 1 см, па распоредете го и него. Над него нарендајте малку од кашкавалот, па премачкајте со уште 1-2 лажици од бешамелот, во кој пред тоа сте додале 1 лажица кисела павлака. Кисела павлака и не мора, но е добра да се ублажи соленоста од сирењата, исто како и бешамел сосот. Потоа, ставете го раздробено кравјото сирење, поросете уште малку оригано и на крај завршете со рендан кашкавал.
Садовите ставете ги во загреана рерна од околу 200 степени или малку помалку и печете ги додека кашкавалот одозгора убаво не се растопи.

Бешамел
Ставете го маргаринот во тавче да се растопи и во него запржете го брашното, додајте го млекото и мешајте додека се згусти.

Пред да отпочните со редењето на сирњењто во садовите, убаво е најпрво да го замесите тестото за крцкавите лепчиња од наведените состојки и потоа (за тоа време) да го оставите да нарасни 20 мин.
Тестото поделете го на 2-3 дела и од секој дел расукајте тенка кора, како за пица. Ставете ја во подмачкано тавче и расецете ја во правоаголни облици. Премачкајте ја со масло и наросете одозгора обилно со сусам. Ставете ја во загреаната рерна да се печи. Одозгора треба да е малку потпечено, да крцка кога се јади.

Се служи топло, веднаш. Уживајте! *_*

* Мерките за една порција можи да варираат спрема големината да садот, како и спрема желбата на конзументот. Од наведените, отприлика базирајте се да има по околу 1 см висина во редот.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани