Денес ќе готвиме заедно со Весна, готвач член на нашата веб-страница. Весна ќе подготви еден од нејзините најпопуларни рецепти, Пастрмајлија.

Одличен рецепт за домашна Пастмајлија, според нас Штипска. Бара повеќе време, но резултатот е фантастичен.

Подготовка

Чекор 1: Најпрво пригответе го месото. Најдобро е да го приготвите еден ден порано, за да може месото подобро да ги впие зачините и да омекне.

Исечкајте го месото на коцки, зачинете со сол, бибер и црвен пипер.

Чекор 2: За подготовка на тестото најпрво измешајте го квасецот со млака вода и шеќер. Кога ќе се активира, во длабок сад ставете ги сите состојки. Замесете средно меко тесто и оставете го да стаса околу еден час.

Стасаното тесто размесете го и повторно оставете го да стасува. Вториот пат пократко, околу 20 минути.

Откако ќе стаса и по втор пат, размесете го и поделете го на 4 дела. Деловите обликувајте ги како топчиња и повторно оставете ги да стасаат. Кога ќе нараснат, обликувајте ги како Пастрмајлии според големината на тавата.

Чекор 3: Секоја Пастрмајлија наредете ја со месо и парченца свинска маст.

Чекор 4: Печете во загреана рерна на 220 степени 20 минути. Сервирајте ги со лути пиперчиња, или феферони.

СОВЕТ: Овој рецепт според начинот на подготовка на филот е најсличен на штипска Пастрмајлија.Секако, вие може да ставите фил по ваша желба, со свежо месо и јајце.