Денес ќе готвиме заедно со Марија, готвач член на нашата веб-страница. Марија ќе подготви еден од нејзините најпопуларни рецепти, Крем торта со црно и бело чоколадо.

Кремаста торта, со филови од црно и бело чоколадо, и крцкави бисквити и ореви. Тестото е воздушесто, со белки и ореви. Фантазија!

Подготовка

Чекор 1: Тестото за корите можете да го подготвите целото одеднаш, но можете да го матите и кора по кора.

Изматете ги белките со шеќерот за да добиете цврста пена. Потоа додајте ги оревите, брашното и прашок за пециво. Третина од тестото истурете во подмачкана тава. Печете на 200 степени, 7-8 минути, додека зарумени. Испечете три вакви теста.

Чекор 2: За подготовка на филот ставете ги млекото и шеќерот на оган да зовријат. Жолчките, густинот и водата измешајте ги да се соединат. Внимавајте да нема грутчиња и таа смеса додадете ја во зовриеното млеко. Мешајте на оган додека да се згусне како пудинг.

Чекор 3: Поделете го на два дела. Во едниот дел додадете 100 грама бело чоколадо, во другиот 100 грама црно чоколадо и мешајте додека да се растопи чоколадото. Кога ќе се оладат, додадете по половина од маргаринот во секој фил и убаво изматете ги. Бисквитите и оревите издробете ги.

Во филот со бело чоколадо додадете 50 грама сечкано црно чоколадо, половина од бисквитите и оревите.

Во филот со црно чоколадо додадете 50 грама сечкано бело чоколадо, половина од бисквитите и оревите.

Чекор 4: Пред филување оставете дел од двата фила за премачкување на тортата и измешајте. Филувајте ја тортата и декорирајте ја по желба. Оставете ја во фрижидер да се спојат состојките.

Чекор 5: Сервирајте големо парче во чинија.

СОВЕТ: Ние оваа торта ја подготвивме во округлата тава, за да биде подекоративна. Но, ако брзате, може целото тесто да го испечете одеднаш во голема плитка тава, и да го пресечете на 3 дела.