Видео рецепт: Крем торта со црно и бело чоколадо
Состојки
- За ТРИТЕ КОРИ ќе ви треба:
- 12 белки (мали јајца)
- 150 гр. сечкани ореви
- 300 гр. шеќер
- 9 лажици брашно
- 1 прашок за пециво
- За ДВАТА ФИЛА ќе ви треба:
- 12 жолчки
- 12 лажици шеќер
- 12 лажици (200 грама) густин
- 1 л. млеко
- 200 мл. вода
- 100 гр. ореви
- 10 бисквити
- 250 гр. маргарин
- За БЕЛИОТ фил ќе ви треба:
- 100 гр. бело чоколадо
- 50 гр. црно чоколадо
- За ЦРНИОТ фил ќе ви треба:
- 100 гр. црно чоколадо
- 50 гр. бело чоколадо
Денес ќе готвиме заедно со Марија, готвач член на нашата веб-страница. Марија ќе подготви еден од нејзините најпопуларни рецепти, Крем торта со црно и бело чоколадо.
Кремаста торта, со филови од црно и бело чоколадо, и крцкави бисквити и ореви. Тестото е воздушесто, со белки и ореви. Фантазија!
Подготовка
Чекор 1: Тестото за корите можете да го подготвите целото одеднаш, но можете да го матите и кора по кора.
Изматете ги белките со шеќерот за да добиете цврста пена. Потоа додајте ги оревите, брашното и прашок за пециво. Третина од тестото истурете во подмачкана тава. Печете на 200 степени, 7-8 минути, додека зарумени. Испечете три вакви теста.
Чекор 2: За подготовка на филот ставете ги млекото и шеќерот на оган да зовријат. Жолчките, густинот и водата измешајте ги да се соединат. Внимавајте да нема грутчиња и таа смеса додадете ја во зовриеното млеко. Мешајте на оган додека да се згусне како пудинг.
Чекор 3: Поделете го на два дела. Во едниот дел додадете 100 грама бело чоколадо, во другиот 100 грама црно чоколадо и мешајте додека да се растопи чоколадото. Кога ќе се оладат, додадете по половина од маргаринот во секој фил и убаво изматете ги. Бисквитите и оревите издробете ги.
Во филот со бело чоколадо додадете 50 грама сечкано црно чоколадо, половина од бисквитите и оревите.
Во филот со црно чоколадо додадете 50 грама сечкано бело чоколадо, половина од бисквитите и оревите.
Чекор 4: Пред филување оставете дел од двата фила за премачкување на тортата и измешајте. Филувајте ја тортата и декорирајте ја по желба. Оставете ја во фрижидер да се спојат состојките.
Чекор 5: Сервирајте големо парче во чинија.
СОВЕТ: Ние оваа торта ја подготвивме во округлата тава, за да биде подекоративна. Но, ако брзате, може целото тесто да го испечете одеднаш во голема плитка тава, и да го пресечете на 3 дела.