За секаков вид на прослави ви ги препорачувам овие лиснати кифлиња кои ми се по рецепт на мојата пријателка Горде.

1. Квасецот со малку млеко, 1 лажичка шеќер, 1 лажица брашно, го оставаме да стаса.
2. Јајцата и шеќерот се матат со миксер, како за торта, значи да се зголемат за три пати, да бидат густо изматени и со светло жолта боја, баш како за пандишпан. Млекото го доведуваме до точка на вриење на оган и внимателно, по малку го истураме во јајцата, постојано мешајки со миксерот. Потоа додаваме масло и малку по малку додаваме брашно. Матиме со миксер постојано.
3. Кога ќе се доведе тестото во состојба на згуснување, почнуваме да месиме со раце и го додаваме остатокот од брашното. Неполни 2 кг брашно одат во смесата, ама сепак зависи со каква влажност е брашното. Во главно треба да се добие средно меко тесто кое го оставаме да стаса некои 20 минути, по можност на топло.
4. Откако ќе стаса го размесуваме и го делиме на 8 топки. Секоја топка ја расукуваме, ја мачкаме со путер насекаде, ја засекуваме од страните, па секое полупарче го преклопуваме кон средината и така едно врз друго сите засеци. Го превртуваме топчето и го сукаме внимателно, но не многу тенко.
5. Секој новоформиран круг од тесто го сечеме на 12 триаголници од кои правиме 12 кифли. Оставаме 10 – 15 мин. да стасаат.
Ги печеме во подмачкан со масло или со хартија за печење, плех или тавче, на температура од 200 степени во загреана рерна. Кифлите ги премачкуваме со жолчка и сусам, ама и не мора.

Исто така, ако ја намалите дозата на сол во нив, но сепак мора барем една лажичка сол да ставите, може да ги наполните со каков фил сакате, крем, мармалад...а, може и солена варијанта. Во овие кифли, лиснатици, јас не ставив ништо, ама ставив само 1 ½ лажичка сол, така да вкусот им беше неутрален. Нека си комбинираат домашните со што сакаат, со благо, со солено....Многу членови...не можам на сите да им погодам...

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани