Рецептот го најдов на еден друг сајт за готвење, а истиот е преземен од еден полски блог. Кога го видов многу ми се допадна зошто ми личи на лазања со состојките што ги има во него а сепак не е затоа што има компири. Денес оваа фина мусака ја направив за ручек,а моите презадоволни од вкусот. Не знам можеби вкусот имаше врска и од тоа што ја правев во Делимано ростерот и како за прв пат јас сум многу задоволна. Јадењето го направи толку вкусно и сочно што навистина ме изненади. Од сега па натаму гледам дека почесто ке си се дружиме јас и моето ростерче))

1. Во подлабока тава ставаме маслиново масло и го ставаме ситно исечканиот кромид да се пропржи и малку да омекне. Го додаваме и ситно исечканиот лук и се заедно кратко пржиме.
2. Го додаваме и меленото месо, зачините и се заедно пржиме додека месото не ја смени бојата.
3. Доматите ги лупиме ситно ги сечкаме и ги додаваме во месото или пак додаваме сок од домати.
4. Одма го додаваме и белото вино и лажица кечап и се заедно вариме додека смесата не се згусне или додека доматите не се сварат.
5. Веднаш потоа ја додаваме и павлаката за готвење и вариме уште некои 5-6 мин.
6. На страна во подлабоко тенџере ставаме вода и лажичка сол да зоврие и внатре ги ставаме лупените и исечкани на кругови компири и ги вариме кратко околу 4 мин.
7. Со решеткаста лажица ги вадиме компирите од водата и ги редиме во намастено тавче. Врз нив ставаме половина од сосот, па редиме свежа мајчина душичка или босилек и рендаме од кашкавалот.
8. Потоа нов ред компири, па го ставаме целиот сос, па пак мајчина душичка, па рендаме кашкавал и на крај завршуваме со компири и одозгора рендаме од кашкавалот.
9. Мусаката ја ставаме да се пече во загреана рерна на 180 Ц. додека не добие убава боја одозгора.
10. Оладете, послужете со некоја фина салата и уживајте со остатокот од виното што ви остана од шишето))

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови