Бурек научив да спремам од мајка ми, а таа не знам од кого. Ама знам дека го јадеме најубавиот домашен бурек, со различен фил, кој зависи од тоа дали мрсиме или постиме. Оваа варијанта со зелка прв пат ја направив за Божиќните пости и ептен ни се бендиса, па бидејќи испробано, да го презентирам сега.

Замесуваме средно меко тесто. Го делиме на пет дела и секој дел го расукуваме со пречник од околу 15 см и го мачкаме убаво со масло. Вака го оставаме едно 25 минути, тестото убаво да го впие маслото, за да може да се тегне.
Зелката ситно ја сечкаме и ја ставаме да се пропржи до омекнување.
Ја тегнеме внимателно првата кора на мушама намачкана со масло, за да не се лепи тестото. Краевите ги откинуваме за да ни бидат корите еднакви насекаде. Ставаме од филот, на средина од тегнетата кора, онолку, колку што планираме да ни биде дијаметарот на бурекот. Ја преклопуваме кората како плико и ја тргаме настрана.
Ја развлекуваме втората кора на ист начин, ја ставаме првата кора, врз втората, со аглите спротивно од преклопот (значи аглите на првото плико да се спроти страната на второто плико и така со секое наредно). Филот го ставаме врз првата кора и преклопуваме повторно во облик на плик. Така со сите пет кори.
Печеме на 200 степени во намрсено тавче бр 30.

Забелешка
Најубаво ми е тегнењето на чаршав (кој го вријам, без прашок и го користам само за тегнење на пити), ама поради тоа што кај нас нема чекање и специјални подготовки кога готвам, а чаршавот ми беше згужван, срам не срам, искрена сум си, целата постапка ви ја покажав на мушама.
Убав ми е во сите варијанти на фил, ама најубав со печурки и вака!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани