Јагодованилин чизкејк во чаша
Убавината кај десертите во чаша е тоа што даваат можност сам да си креираш свој рецепт и начин на подготовка, особено затоа што кремовите можат многу лесно да се подготват во зависност од желбата за вкус и она што се има при рака. За овој, би рекла и сезонски, но јас пак, како не успеав да ги употребам цела година смрзнатите јаготки, веќе им беше крајно време... значи, и со смрзнати можи кога ќе ви се присака.
Како овде јаготките беа смрзнати, ги оставив да одмрзнат, па ги одвоив од сокот кој го испуштија. Ако користите свежи, бидејќи им е сезона, нежно притиснете ги да пуштат малку од својот сок или пак, за најгоре користете купечко желе од јаготки.
Испасирајте или уште подобро изблендирајте ги јаготките. Во друг сад изматете ја слатката павлака, па додадете го маскарпоне сирењето и на крај вмешајте ги пасираните јаготки кои сте ги измешале со шеќерот во прав и сокот од лимон.
Во посебен сад спремете го ванила кремот спрема упатството на кесичката.
Издробете ги колачите и ставете во секоја чаша на дното. Врз нив ставете од кремот со јаготки, посипете со чоколадни плочки, струготини или трошки, па ванила кремот и над него повторно од кремот со јаготки.
Во сокот од јаготките додадете вода за вкупно да добиете 200 мл. Ставете го желатинот и оставете го 10 мин да набабри. Чинам дека и 10 гр желатин овде би било доволно. Потоа додадете го шеќерот и мешајте на тивок оган додека се растопи. Откако ќе подизлади прелијте одозгора во секоја чаша. Ставете ги чашите во фрижидер да се здрви слојот од желатин и потоа сервирајте ги со шлаг пена одозгора.
Лиценца: Сите права се задржани
Preubavo!