Драги готвачи и посетители на Мои Рецепти со задоволство Ви го претставувам мојот јубилеен 400-ти рецепт. Љубовта кон готвењето придонесе за оваа убава и голема бројка на приготвени и фотографирани рецепти. За да се направи една убава фотографија како краен производ, што сите тука го гледаме, треба многу љубов, желба и посветеност. За моја среќа сето тоа го имам во изобилство. Готвењето е моја релаксација и уживање, а задоволните дегустатори и нивните насмеани лица моја најголема награда.
Сакајќи да го спојам здравото и вкусното дојдов до овој прекрасен рецепт за оваа чоколадна торта. Сите кои ја пробаа не ни претпоставија дека тортава е без шеќер. Вистинско чоколадно задоволство. Избалансирани вкусови и ароми.

Подготовка:

1. Основа – Во блендер ги ставаме оревите и овесните снегулки. Блендираме да се иситнат. Ги додаваме урмите и какаото, блендираме да се соединат состојките. Смесата ја ставаме во длабок сад. Ги додаваме медот и аромата од рум, мешаме со лажица. Во сад со димензии 20х20 обложен со хартија за печење, ја ставаме смесата и со дланка ја натапкуваме. Садот го ставаме во фрижидер, додека го подготвуваме филот.
2. Фил- Во длабок сад, над пареа, го топиме темното чоколадо. Во блендер ги ставаме урмите, блендираме. Во садот со урмите го додаваме густото кокосовото млеко, блендираме. Во смесата ги додаваме какаото, стопеното темно чоколадо и путерот од кикиритки. Блендираме да се соединат состојките. Филот го ставаме во фрижидер да стои 40 минути, за да се зацврсти.
Врз основата од тортата ставаме половина од смесата од филот, ја распределуваме рамномерно.
Јагодите ги миеме, им го отстрануваме зелените ливчиња и ги сечиме на половина. Ги редиме врз филот со испакнатиот дел надолу и нежно ги притискаме. Врз јагодите го ставаме преостанатиот фил. Тортата ја ставаме во фрижидер да стои 7-8 часа.
3. Глазура - Во длабок сад, над пареа, го топиме темното чоколадо заедно со кокосовото масло. Во друг длабок сад, го ставаме густото кокосово млеко, во кое го додаваме стопеното темно чоколадо. Мешаме со лажица да се соединат состојките.
Тортата ја вадиме од садот и ја ставаме врз чинија за сервирање. Врз тортата ја ставаме глазурата. Декорираме со јагоди и по желба јагоди потопени во стопено темно чоколадо.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани