Еве еден интересен начин на приготвување на бурек што потекнува од турската кујна, кој е многу лесен и брз, а воедно, за љубителите на бурек и многу вкусен.
Сварете ги компирите, па убаво испасирајте ги.
Ситно исецкајте го кромидот и пропржете го на малку масло заедно со меленото месо.
Тргнете го од оган и додадете ги пасираните компири и зачини по ваша желба. Јас користев оригано, вегета, бибер и сол. Убаво измешајте.
Земете еден поголем филџан за кафе кој воедно ќе има и солидна ширина. Една кора за пита свиткајте ја на 2 или на 4 пати, во зависност колкава е големината на филџанот. Кај мене одеше 4 пати. Не треба премачкување со ништо, само обложете ја убаво во внатрешноста на филџанот. Потоа наполнете од филот скоро до горе.
Јајцето благо разматете го и матејќи додадете малку млеко и маслиново масло.
Страниците од корите кои висат од филџанот виткајте ги навнатре за убаво да се покрие филованиот дел, притоа мачкајќи го секој свиткан дел за добро да се залепи.
Врз намастена тава превртете го филџанот и смесата лесно ќе излези.
Вака спремените филџан бурек целосно премачкајте ги со јајцето, по желба наросете ги со сусам и ставете да се печат во загреана рерна додека не поруменат. Во мојот случај, околу 20 минути.
Забелешка
Во зависност од големината на филџанот, бројот на потребните кори можи да варира, па не е на одмет да си имате и некоја плус за резерва.
Мене со овој фил ми излегоа 6 парчиња. Доколку сакате повеќе дуплирајте ја дозата на филот. Јајцето за премачкување пак ќе ви е доволно.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани