Есен без тиква?
Незамисливо!
Убавината на овој зеленчук е што може најразлично да се подготвува. Десерти, предјадења, главни јадења, пити....изборот на рецепти со тиква е огромен, а овојпат јас се решив за оваа вкусна торта со тиква.
Подготовка
1. Најнапред подгответе го тестото. Во еден сад ставете ги сите состојки за тестото и замесете меко тесто. По потреба додадете сосема малку брашно за да можете од тестото да оформите топка. Замотајте го во проѕирна фолија и ставете го во фрижидер да одстои најмалку 30 минути. За тоа време подгответе го филот.
2. Тиквата излупете ја и исчистете ја. Исечкајте ја на коцки и ставете во едно тенџере со малку вода да се динста додека не омекне. Кога ќе е готова, ставете ја во цедалка да се исцеди убаво од вишокот течност и потоа испасирајте ја.
3. Вклучете ја рерната да се загрева на 180°
4. Жолчките, шеќерот, ѓумбирот и циметот кратко изматете ги со миксер. Додадете го путерот и густинот и матете додека убаво да се соедини. На крај додадете ја и тиквата, кратко промешајте и ставете на кратко во фрижидер.
5. Тава со пречник од 26см. премачкајте ја со путер. Ставете го тестото внатре и со прстите распоредете го по целата површина од тавата, оформувајќи раб со висина од 3см. Избоцкајте го тестото со вилушка на повеќе места и ставете да се пече 10 минути.
6. Белките изматете ги во цврст снег и со шпатула за тесто измешајте ги во смесата со тиква. Оваа смеса ставете ја врз печеното тесто и ставете да се допече уште 35-40 минути.
Тортата е готова кога одозгора ќе добие убаво кафено-златеста боја и филот ќе биде печен. Украсете ја со стопено бело чоколадо или шеќер во прав, а можете и со матена слатка павлака.
Најдобро е за филот да користите Хокаидо тиква или некоја друга сорта на тиква која при динстањето нема да се распадне.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани