Сите кои ја пробаа тортава прво побараа уште, второ не им се веруваше дека е посна. Тестото е толку ровко, едноставно се топи во уста. Со оглед дека само во тестото има зејтин и од искуство сум сигурна дека може да се изостави и замени со газирана вода и да добиете целосно посна торта и за строгиот пост.
Наведено е 1/2 лажичка цимет, но ставете повеќе, вкусот е подобар.
Во филот ставете ја целата кора од лимонот.

1. Во поголем сад ставете ги ренданите моркови (на крупно), додадете го шеќерот, ванилата и циметот и убаво измешајте. Во друг сад на страна измешајте го брашното, солта, пецивото и содата. Во садот со морковите додадете го кокосовото млеко и зејтинот, промешајте убаво, па додадете го брашното. Количината на брашно може малку да варира во зависнот колку течност ќе пуштат морковите. Додадете ги и оревите и убаво со лажица измешаје да се добие средно густа смеса (налик на проја).
Оваа количина на состојки е доволна за 2 кори печени во калап со бр.20. Може да ја печете целата смеса па да поделите на 2 еднакви дела или да печете 1 по 1 кора. Се пече во претходно загреана рерна на 180С, времето ќе ви зависи од начинот на кој ќе печете (или додека чепкалката не излезе сува).
2. Кокосовото млеко ставете го во сад на оган и додадете ја ванилата. Во водата растворете го густинот, па пред да зоврие додадете во млекото и мешајте додека убаво не се згусне. Оставете да се излади.
3. Урмите може да ги измелете на машинка за месо, но и не мора затоа што се доста меки. Јас ги стискам со раце (како да месите тесто). Потоа префрлете во сад за матење и додадете го млакиот пудинг. (Пудингот не треба целосно да се излади, ќе биде потешко за матење). Убаво матете додека се добие еднолична крем смеса. Додадете ги оревите и кората од лимон и матете уште кратко. Доколку ви е многу густа смесата додадете неколку лажици вода.
4. Нанесете скоро половина од кремот врз првата кора, израмнете, преклопете со другата и целата торта премачкајте ја со остатокот од кремот. Ставете во фрижидер да се стегне малку.
5. Декорацијата понатаму е по ваша желба, може со чоколадо за готвење, може и со овој мој прелив, а може и само со малку ореви врз цела торта.
За преливот сите состојки ставете ги во сад на тивок оган и мешајте додека шеќерот не се растопи и се добие густа смеса. Премачкајте ја тортата, наросете ореви и спремни сте за служење.

Добар апетит =)

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани