Посен гулаш од печурки (без масло)
Овој рецепт ми остана неиспробан од Божиќните пости, па еве сега си дојде на ред. На истиов начин имам подготвувано со зејтин па решив да експериментирам и да видам што ќе испадне. Се изненадив од резултатот, навистина вкусен ручек и целосно поинаков вкус.
Претпоставувам дека на истиов начин може да подготвите и грашок, компир, леќа, боранија ... сигурно до крај на постот ќе испробам уште нешто па ќе ве известам за резултатот.
1. Кромидот ситно исецкајте го и ставете го во сад на оган со малку сол. Ќе пушти течност па динстајте на тивко додека целата течност не испари и не почне малку да лепи за дното. Потоа додадете го морковот исецкан на крукчиња и печурките на листови и продолжете да мешате. Кога ќе пуштат тешност и ќе омекнат додадете ги и доматите претходно излупени и исецкани на коцкички и повторно промешајте. Ќе забележите дека има доста течност од самиот зеленчук.
Додадете го томателото и сенфот, зачинете по вкус и оставете малку нека прокрчка (околу 5-10 мин.) Доколку воопшто не сакате луто може да користите и благо, иако воопшто нема ни да осетите луто.
2. Количината на течност што ќе ја додадете варира во зависнот колку течност веќе има испуштено зеленчукот и колку густо сакате да биде. Јас додадов 250мл вкупно. Прво 200мл и покриено да крчка на тивко околу 40тина мин, па потоа во 50мл. вода се раствара брашното и се додава за да добиете изглед како сос.
На крај додадете ситно сецкан магдонос и исклучете. Малку нека се олади па послужете со тестенини, ориз, компир или нешто по желба.
Добар апетит =)
Лиценца: Сите права се задржани
Со масло е уште поубав, многу често го правам и јас.
Поздрав и до тебе :)