Кумановска сеченица по рецепт на баба Цана
Баба Цана е мајсторот за сукање во нашата фамилија од која сме научиле како да ги сукаме овие домашни пити. Таа е мајка на мајка ми и иако има 85 години, знае некогаш да ни исука некоја баница, блага или солена, од мерак дека сме и дошле на гости.
Кога бев мала многу сакав да ја гледам како работи со тесто, ми се гледаше недостижна нејзината ука за месење и сукање. Имаше специјална ниска дрвена маса, наречена трпеза и ќе седнеше на мало троножно столче и така сукаше. Сакав да се потсетам и да остане моето среќно детство, врежано во зборовите на овој прекрасен бабин рецепт.
1. Во брашното ги ставаме квасецот и солта. Тестото го замесуваме со млака вода, средно месено. Го делиме на 5-6 топчиња. Секое топче со сукало и со помош на брашното, го расукуваме во големина на тавчето во кое ќе ја печеме питата.
2. Урдата, здробеното сирење и 2 јајца ги мешаме до изедначена смеса
3. Откако ќе ја исукаме првата кора, ја ставаме на намрсено тавче, ја попрскуваме со масло и со фил. Ги ставаме сите кори на ист начин една врз друга, значи секоја ја попрскуваме со масло и фил.
4. Последната кора, ја мачкаме со јајце, ја посипуваме со сусам и потоа ја сечеме питата. Оваа пита се вика сеченица поради тоа што е сукана, па сечена на парчиња.
Ја оставаме да стаса околу 20 минути, па ја печеме во загреана рерна на 220 степени.
Забелешка
Од големината и висината на тавчето зависи колку топчиња т.е кори ќе направите. Кај мене беа доволни 6 топчиња. Грахамот е покрупно мелено брашно, т.е брашно од цели зрна пченица, кое е многу корисно, има Е и Б витамини, минерали и протеини.
Масло можеби и нема да ви отиде толку милилитри, ама можете на дополнителната фотографија да видите по колку треба да ја попрскувате секоја кора. Исто така можете да ја направите со свинска маст или путер. Сусам ставам дека ми е омилено семе, доколку не го сакате не мора да го ставате.
Кога ќе ги сукате корите додавате брашно на секое поминување со сукалото, за да не ви се залепи тестото. Тавчето во кое ја печев е најголемото што ми го собира во рерна.
Лиценца: Сите права се задржани