Крофни по рецепт на тетка Слободанка
Тетка Слободанка е најдобрата комшика и пријателка на мојата свекрва. Нејзината кујна е постојано мирисна, бидејќи таа има богатство од прекрасни рецепти кои се готват ширум бивша Југославија, од Словенија каде живеела едно време, до Македонија поточно Струга од каде потекнува.
Овој рецепт ми го има дадено уште кога се омажив и ова се највкусните крофни кои се подготвуваат во мојот дом.
1. Путерот треба да ни биде на собна температура. Квасецот со 1 лажица шеќер, 1 лажица брашно и малку млако млеко го оставаме да се активира. Млекото го затоплуваме и од сите состојки замесуваме средно меко тесто кое го оставаме да стаса, да се дуплира.Ренданата кора од лимон ја ставаме по желба, исто така во тестото.
2. Потоа тестото го расукуваме со дебелина од 0,5 см и со помош на калапче или чаша вадиме кругови.
3. Ја загреваме тавата во која сме ставиле 3-4 прста масло. Кога малку ќе стасаат кругчињата ги ставаме во не многу врелото масло да се пржат. Ако маслото е многу врело ќе ни подгорат. Ги вадиме кога ќе поруменат и ги ставаме на салфетка.
4. Ги посипуваме со шеќер во прав низ сито или цедалка.
Јас правам и полнети крофни од ова тесто. Кругчињата треба да се нијанса потенки. На еден круг ставам 1 лажичка крем , па од страните со малку вода со помош на четкичка го влажнам тестото и го поклопувам со друг круг. Нежно притискам од страните да се залепат двете кругчиња тесто. Да стасаат некоја минута и ги пржам.
Имам членови дома кои не го сакаат мирисот и вкусот на лимонот во крофните инаку оригиналната рецепта мене лично ми е најубава.
Со белките што ви останаа, имате широк избор на рецепти кои ќе ви помогнат да ги искористите.
Лиценца: Сите права се задржани