Не мислев да учествувам во наградната игра, ама внука ми ми запна. Ја мрзело неа да готви, па јас да сум се натпреварувала. Прво внуче ми е, нешто секогаш ќе ме тера да му робувам на желбите =))

Кога го најдов рецептов си реков дека ќе бидам умна и нема како и секогаш да си правам по мое. Овој пат ќе го направам оргинал, по опис и со вистинските состојки, без да си додавам и одземам по мое.
ШИПАК!
Пак импровизирав и супер испадна.
Во моја одбрана, импровизирав од зорт, не од аздис =))

Веќе подолго време немаме јајца дома, а купечки ниикогаш не се опција. Јас знам со што ги хранат и боцкаат коковчињата, па имам фобија од купечки јајца. Затоа овој рецепт го направив без јајца.
Со мала замена на путер со маргарин и млеко со кисела вода (ова е мојата импровизација за јајца, пишува подоле) може да бидат и посни кекси, а полнењето да биде пудинг од ванила приготвен со вода.

Вака е ОРГИНАЛОТ
Путерот, нутелата, инстант кафето, шеќерот и ванила екстрактот се матат убаво. На крај се додаваат јајцата. Брашното, какаото и прашакот за пециво се мешаат убаво во друг сад и се додаваат на смесата. Се рават топчиња, се сплескуваат, се валкаат во дробени лешници, се редат во тавче и се печат 10ина мин на 180С.

ВАКА Е МОЈОТ РЕЦЕПТ

Путерот, нутелата, шеќерот и ванилата ги ставив на тивко да се стопат. Кафе не ставив, не го сакаат вкусот на кафето во мојот мил дом. Екстрактот од ванилата го додадов на крај, кога смесата беше подоладена за да не се изгуби аромата ако смесата е врела.

Додека смесата со путерот се топеше во друг сад убаво ги смешав брашното, какаото и прашакот за пециво и ги прелив со стопената смеса. На почеток мешав со лажица, па после си гмечев со рака. Се доби убаво меко и ронливо тесто. За да не биде толку ронливо, додавав малку по малку млеко (5-6 големи лажици), ќе видите по потреба.
Тестото треба да е меко, нелепливо и лесно за работа.

Се прават топчиња кои не се сплескуваат премногу, туку само колку да добијат малку елипсовидна форма. Ќе се досплескаат сами во текот на работењето.
Елипсовидните формички, прво се потопуваат во малку вода или се премачкуваат со прсти, колку да се навлажни површината, па се валкаат (тапкаат) во дробени лешници (јас употребив ореви).
Се мачкаат со водичка затоа што така немало да паднат лешниците по печењето. Така еднаш една бабичка рече на телевизија, запамтив и применив =))

Секое парченце се реди во плех со хартија за печење или ако имате Делимано тави за пица или ростер не ви треба хартија.
Секое парченце се притиска со прст неколку пати и се прави дупче за да се наполни со карамел со количина по желба. Јас ги правев пошироки и подлабоки дупчињата, бидејки го сакам спојот на суво колаченце со крем.

Се печат на 180С, 10ина минути.
Кога ќе замирисаат убаво, готови се. Ќе внимавате да не се печат долго, бидејки лешниците(оревите), ќе изгорат и ќе горчат.
Кога се топли се помеки, ама кога ќе се оладат се тврди и многу убави.

Додека се печат кексите се спрема филот.
Брз е и едноставен.
Во мало садче, може и ѓезвенце се топли слатката павлака до вриење.
Во друг сад, јас го користев садот за сос од делимано, се става водата и шеќерот да се варат додека не карамелизира и не добие светло златна боја (не темно кафеава). Потоа во карамелот се додава топлата слатка павлака во тенок млаз. Ќе внимавате бидејки може да прска. Убаво ќе смешате да се соедини.
Во оргиналниот рецепт пишуваше дека на крај, во оладена смеса се додаваат дробени лешници и јас додадов. Искрено мислам дека не требаше. Не дека вкусот се смени, туку на изглед ќе беше поубаво ако средината беше мазна и различна од кексот.
Мој совет е да не се додаваат лешници во карамел филот само од естетски причини. Вкусот не се менува и со и без нив.

Со карамел филот се полнат длапките на кексите и се оставаат да се оладат.
Колку поладни, толку постегнати и поубави.

Додека ги печев Шеќерко си дојде дома и уште од врата праша што мириса толку убаво, а кога ги виде наредени на делимано тавчињата за пица, се изненади
- Ау, женчо, па ова индустирја не ти е рамна =))

Дента имавме и гости, убаво ги смувтаа, па правев и втора тура за да си носат по дома. Другар ми многу мераклиски си ги топеше во салепот и си гнеткаше. Обожавам кога луѓето си уживаат во јадењето

Не беше до мене, фраерски беше рецептот.

Ете така. Добивте и рецепт и рецептно доживување на конзументите. =))

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови