Омилени кај нас дома, особени ги сака средниот син, кој впрочем и е голем љубител на месени работи. Ги правам долги години и секој пат сакам да внесам некоја новина, овој пат тоа се мелените семиња. Излегоа одлични и ви ги препорачувам на сите, особено на оние што постат.

1. Се замесува тесто од сите состојки со млака вода, па се остава да стаса.
2. Ги подготвуваме тавчињата со хартија за печење или пак ги намрсуваме со масло.
3. Откако тестото ќе стаса се размесува и се сука кора со дебелина од 1-1,5 см.
4. Ставаме вода на оган да почне да врие.
5. Се вадат големи кругови со чинивче или калапче со дијаметар 10 см, а малите кругови со чашка од ракија.
6. Секое формирано ѓеврече се става во водата што врие на кратко, некои 10-15 секунди.
7. Се вадат со вилушка и се ставаат веднаш во сусам при што се вртат од двете страни. Ова се работи многу брзо, а сепак внимателно.
8. Веднаш ги редиме на тавче. Се печат на 230-250 степени да поруменат.

Забелешка
При замесување на тестото можеби нема да ви треба толку вода или пак ќе ви треба повеќе, ама тоа зависи од брашното. Ако постите без масло изоставете го слободно маслото и ставете околу 650 мл вода. Ако сакате да ви биде пожилав ѓеврекот оставете го подолго на варење во водата, а ако сакате да е покрцкав во тој случај кратко време варете го.
Можеби ќе речете дека многу сусам оди за посип, ама ние такви ги сакаме и оди точно колку што сум напишала во состојки, со тоа што по целата површина на ѓевречето има обилно сусам. Водата за варење ја ставам во пошироко тенџере или тавче за да можам по 3-4 ѓевречиња да варам, така ми е побрза постапката.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани