Слатки мини крофнички (Quarkbällchen)
Уште еден рецепт од германската кујна. По традиција овие мини крофнички се прават за време на големиот карневал во Германија. Обожавани се и од младо и од старо, нема кој не ги јаде. А има и зошто – превкусни се! Пробајте ги, топло ви ги препорачувам.
Јајцата и шеќерот матете ги со висока брзина 3 минути. Додадете ја урдата и матете додека убаво се соединат состојките. Брашното, пецивото и солта измешајте ги во еден сад, па на неколку пати додадете ги во смесата со јајца. Изматете убаво за да нема грутчиња. Ќе добиете доста густа и леплива смеса.
Во тенџере или во фритеза ставете зејтин да се загрева на 170°. Земете кеса за замрзнување и во неа ставете од тестото. Исечете го ќошот од кесата да добиете отвор од околу 3 цм. Затворете ја кесата со кујнска штипалка. Кога зејтинот ја достигал потребната температура, истиснувајте од кесата тесто со должина од 2цм. кое ќе го откинете со нож кој претходно кратко сте го потопиле во врелиот зејтин. Внимавајте при тоа да не се изгорите затоа што тестото може многу лесно да слизне од ножот и врелиот зејтин да заврши на вашата кожа. При пржењето топчињата сами си се оформуваат и сами се вртат кога ќе се пржени од едната страна. Кога ќе добијат златно жолта боја вадете ги од зејтинот и веднаш валкајте ги во кристал шеќер за да може да се залепи за нив.
Не ставајте многу од тестото во фритезата или тенџерето затоа што топчињата при пржење нараснуваат доста. Друг начин за оформување на топчињата е со помош на две мали лажички. Мене полесно ми оди со кесата, а вие како сакате.
Добар апетит!
Лиценца: Сите права се задржани