Ова е мојата Јубилејна торта - и не само овде јубилејна, ми беше јубилејна роденденска. Бројките некако слични и затоа одлуката моја беше да токму оваа торта биде и мојот јубилеен рецепт, со кој се заблaгодарувам за целото наше виртуелно дружење, споделување на рецепти и совети. Ја изразувам и целата почит кон уредништвото кои го создадоа сајтот со што ни овозможи да овде споделуваме.. Kако неколку пати што спомнав, да го немаше ќе мораше да го измислиме. Поздрав!

Забележавте дека нема состојки за подлогата на тортата. Нема состојки ниту за декорација - тоа задоволство вам ви го оставам вам, а јас само ќе предложам.
Кога сум кај декорацијата, јас одлучив да истата ја декорирам со цветови од Борач - Боражина или некаде наречена Говедски јазик. Боражината е неоправдано запоставена. Освен што служи во кујната,  се употребува и во медицината. Расте како дива билка покрај вода, кај нас ја има покрај вадите за наводнување на оризовото поле. Најмногу таму ја има, а секако дека можете да ја одгледувате во вашите градини. Чичко Гогле ќе ве запознае повеке со неа и знам дека ќе пронајдете се што ве интересира за неа. Значи билка која може слободно да се консумира.
- За подлогата
Можете да направите и бисквит кој што не се пече кога ќе измешате мелени бискоти со путер додавајки притоа и останати состојки како што се ореви, лешници - чоколада, какао. Можете да сматите и пандишпан. Јас спремав еден пандишпан кој го исеков хоризонтално за да добијам две кори.
- За панакотата како се приготвува веќе имам поставено рецепт и начин на работа само што овде ми се дуплирани состојките.
Фил
- Малините измиксајте ги во блендер да добиете кашеста смеса, ако сакате можете и преку соковник заради одстранување на семките. Дополнете ја добиената смеса со 200 мл. вода,
- Пудингот растворете го во 200 мл. вода и измешајте да нема грутчиња. Ставете ја добиената смеса од малини во касерола и поставете на тивок оган, додадете го медот. Кога ќе почне да врие во тенок млад додавајте од растворениот пудинг, варете 2-3 мин, додека се згусти. Оставете да олади, потоа спојте со слатката павлака..
Во модла бр.26 поставете една од корите (доколу се одлучите за две кори) ставете 1/2 од филот од малините, поклопете со другата кора, врз неа остатокот од филот кој не е многу - едноставно е тенко премачкан. Спреманата панакота излијте ја врз малинестиот пудинг, ставете во фрижидер нека одстои најмалку 6 часа, а најдобро одвечер.
Откако се зацврстила извадете од модлата извадете, декорирајате.
Како што погоре напоменав,декориав со цвет од Боражина, некои перли и страниците ги покрив со чоколадни табли.
Напомена
- Доколку се одлучите за подлога без печење, тогаш поставете ја на дното (можете и страниците да ги обложите) понатаму постапката иста. Можете да поставите некои зрносто овошје и врз него панакотата. Овде идеи има многу....вие само творете...
- Доколку најдете готовиот прашок за панакота (кој за жал кај нас го нема) тогаш спремете ја според самото упатство и понатаму постапката иста.
- Тортата не е премногу блага, кој сака може да си додаде поголема количина на мед или шеќер.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани