Навидум едноставна торта по состојки, но за добар редослед и совршени парчиња си бара малку повеќе внимание со редењето. На крај, резултатот е превкусотија :))

Тортата е една од роденденските, иако како и секогаш планирав да е нешто солено за јубилеј, сепак со ситуацијава сега одиме вака. Соленото повторно ќе го должам или можеби ќе влета нељубилејно како и многу рецепти кои ги поставуваме, а не мора да чекаме да се одбележува било што.

Мене лично тортата ми е многу драга, вкусна и фин предизвик да се нареди добро. Дури и некое време љубоморно си ја чував во мојата архива, па ете, сега и дојде денот за презентирање.

Потребен е калап на отворање со димензија 26см. Доколку немате таков користете обичен, но претходно обложете го со стреч фолија која ќе виси од страниците за да можите да ја извлечите целата торта на чинија. По желба калапот можи да го обложите на дното со пек хартија.

Се мати слатката павлака и се дели на два дела. Во едниот се става црниот, а во другиот белиот крем и повторно се мати до соединување.

Секоја бисквита се мака во млекото. Првиот ред се реди со бели бисквити и се премачкува со темниот фил. Вториот ред се редат црни бисквити и се премачкуваат со белиот фил и се така до центарот.

Внимавајте да ви бидат убаво исправени и наредени бисквитите за да се добие убав пресек.
Колку се стеснува кругот кон внатрешноста, ќе има потреба последните бисквити во редот да треба да ги кршите и на крај, во центарот, веќе се редат кршени на половина.

Така изфилованата торта оставете ја преку ноќ во фрижидер за убаво да се спои.
Потоа извадете ја од калапот и премачкајте ја со остатокот од филот. Јас остатокот веднаш по филовањето го премачкав одозгора, бидејќи решив страните да си останат како плочки со бисквитите.

Чоколадото се топи и во него се меша слатката павлака. Со глазурата се прелива тортата и се уксрасува по желба.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови