Видео рецепт: Ролна од каре на мој начин
Сигурно знаете дека добро подготвено каре е многу ценет специјалитет, а Фичо ќе го подготви во ролна, филувано со кромид, жалфија и суви сливи. Овие состојки се совршена комбинација со свинско месо, погледнете го видеото да дознаете како!
Подготовка
Чекор 1: Отворете го карето со остар нож, за да добиете рамна површина како плочка. Зачинете го со сол, бибер и црвен пипер, па наредете ги листовите жалфија врз месото. Жалфија и свинско оди во секаква комбинација.
Чекор 2: Исечкајте ги кромидот и лукот, и ставете ги во тава на маслиново масло да се потпржат и да омекне кромидот. Малку притиснете ги со рака сувите сливи без семки, па ставете ги и нив во тавата за пржење. Добро проверете да не останала некоја семка, да не треба после да барате заболекар.
На крај ставете и пола чаша бело вино и динстајте додека да испари течноста.
Потоа наредете го филот рамномерно врз месото и жалфијата.
Чекор 3: Завиткајте го месото во ролна, боцнете го со чепкалки или стапчиња за да остане во таа форма, па заврзете го со коноп – или ставете го во мрежа за печење. Премачкајте го со црвен пипер, па ставете го во тавата за пржење со путер и маслиново масло. Потпржете го рамномерно од сите страни, за да се затворат порите.
Чекор 4: Ставете ја ролната во Овалниот Ростер, прелијте ја со остатокот од путерот од тавата, па со балсамико оцет. Истурете од страна во тавата по пола чаша вода и вино. Покријте со капакот и печете во загреана рерна на 200 степени, 40 минути. Потоа откријте го и потпечете го додека добие убава боја, или уште 20-30 минути.
Чекор 5: Откако ќе се испече, оставете го малку да се излади, за да се изедначат соковите во месото. Потоа исечете го на парчиња со дебелина од 1 см. и сервирајте!
СОВЕТ: Ако сметате дека нема да можете сами да го отворите месото, замолете го месарот да го стори тоа за вас. Пробајте го рецептот и кажете ни дали ви се допаѓа во оваа комбинација, или можеби имате некоја ваша која е уште подобра!
А за ставање на ролатот во мрежичка има една финта... Спремниот ролат се става во пластично шише со отсечено дно, мрежичката се навлекува од надворешната страна на шишето со затворениот дел кај широкиот отвор на шишето и пополека се истиснува ролатот во мрежичката. Се надевам дека е јасно... Нешто слично на полнење колбаси.
Фичо браво, одлично спремено :)
https://www.youtube.com/watch?v=eJCrb1oNbH4