Торта со пуслици
Рецептот за оваа превкусна торта го добив многу одамна од мојата другарка Орхидеа. Правена неколку пати, а сега специјално, во поголема доза, за роденденот на мојата ќерка. Се подготвува брзо и лесно.
6 белки се матат со 6 лажици шеќер. Се додаваат жолчките и се мати додека убаво се растопи шеќерот. Се додаваат 7,5 лажици мелени ореви со 2 лажици брашно (претходно заедно измешани) и убаво се меша.
Се пече во правоаголен плех (26х36см.) на хартија за печење, во претходно загреана рерна на 180-200 степени околу 20 минути.
Откако ќе се извади, кората се става на малку навлажнета крпа.
Постапката се повторува за уште една кора.
Пудинзите се варат со 1 литар млеко (според упатството, прашокот прво се разматува во малку студено млеко). Додека е врела смесата, се додава чоколадото искршено на коцки и убаво се меша за да се растопи.
Се остава да се излади.
Путерот се мати со шеќерот во прав, а потоа се меша со чоколадната смеса.
Во посебен сад се мати слатката павлака.
За да биде тортата посочна можете да направите редок шербет од 100 мл. вода и 1 лажица шеќер (само малку да поврие), на кој ќе додадете сок од половина портокал и малку рум.
Се става првата кора, се попрскува со малку шербет и се премачкува со филот (дебелина 1 прст). Се редат пуслиците превртени наопаку и се премачкуваат со уште еден слој фил. Се премачкува 1 слој слатка павлака и се става втората кора.
Кората се попрскува со шербет и се премачкува со преостанатиот чоколаден фил.
Одозгора тортата се премачкува со слатка павлака и се украсува по желба.
Јас еднаш ставив пуслици како кора на една торта и ми се стопија :( Не ми текнува сега каков беше филот, можеби тој ги стопи, ама знам дека не се чувствуваа воопшто.
@alexaars - со подолго стоење пуслиците се топат. Затоа е најдобро тортата да се состави неколку часа пред послужување :)