Торта со пуслици
Состојки
- За 2 кори
- 2х6 јајца
- 2х6 лажици шеќер
- 2х7,5 лажици мелени ореви
- 2х2 лажици брашно
- Фил
- 4 пудинзи од чоколадо
- 1 литар млеко
- 400 гр. чоколадо за готвење
- 500 гр. путер
- 500 гр. шеќер во прав
- останато
- 1 литар слатка павлака
Подготовка
Рецептот за оваа превкусна торта го добив многу одамна од мојата другарка Орхидеа. Правена неколку пати, а сега специјално, во поголема доза, за роденденот на мојата ќерка. Се подготвува брзо и лесно.
6 белки се матат со 6 лажици шеќер. Се додаваат жолчките и се мати додека убаво се растопи шеќерот. Се додаваат 7,5 лажици мелени ореви со 2 лажици брашно (претходно заедно измешани) и убаво се меша.
Се пече во правоаголен плех (26х36см.) на хартија за печење, во претходно загреана рерна на 180-200 степени околу 20 минути.
Откако ќе се извади, кората се става на малку навлажнета крпа.
Постапката се повторува за уште една кора.
Пудинзите се варат со 1 литар млеко (според упатството, прашокот прво се разматува во малку студено млеко). Додека е врела смесата, се додава чоколадото искршено на коцки и убаво се меша за да се растопи.
Се остава да се излади.
Путерот се мати со шеќерот во прав, а потоа се меша со чоколадната смеса.
Во посебен сад се мати слатката павлака.
За да биде тортата посочна можете да направите редок шербет од 100 мл. вода и 1 лажица шеќер (само малку да поврие), на кој ќе додадете сок од половина портокал и малку рум.
Се става првата кора, се попрскува со малку шербет и се премачкува со филот (дебелина 1 прст). Се редат пуслиците превртени наопаку и се премачкуваат со уште еден слој фил. Се премачкува 1 слој слатка павлака и се става втората кора.
Кората се попрскува со шербет и се премачкува со преостанатиот чоколаден фил.
Одозгора тортата се премачкува со слатка павлака и се украсува по желба.