Тарт со јаболка
Ова е традиционален рецепт од француската кујна. Ќе ви одземе малку повеќе време во подготовката од англиската или американската пита со јаболка, но вреди да се проба.
Четири од јаболките излупете ги и исечкајте ги на помали парчиња. Ставете ги во тенџере на оган без да додавате ништо друго. Многу е битно јаболките да се готват во сопствениот сок. Гответе ги на слаб оган за да не загорат, а за да го забрзате процесот покријте го тенџерето со капак. Варете ги околу 30 минути и повремено промешувајте. Кога ќе омекнат јаболките испасирајте ги со алатка за пире или блендер и оставете го пирето од јаболка да се олади.
Во меѓувреме подгответе го тестото.
Просејте го брашното во еден подлабок сад, измешајте ја солта и ставете го путерот (на собна темепература) исечен на коцки. Со прстите брзо тријте ги брашното и путерот околу 2-3 минути да добиете трошки. Потоа додадете ја водата и месете кратко, околу минута, да обликувате топка. Може да додадете уште малку вода, само битно е да формирате топка од тесто.
Веднаш исукајте го тестото во круг малку поголем од калапот (Ф 26, 27). Тоа може да го правите и директно на хартија за печење. Јас не ја користев, па го тенчев директно на работната површина, без да ја набрашнувам. Префрлете го во калапот и со рацете дообликувајте да добие правилна форма. Тестото добро избоцкајте го со вилушка или дрвено стапче и ставете го во фрижидер најмалку 30 минути.
Останатите 3 јаболки излупете ги, исечете ги на четвртинки и извадете го делот со семки. Потоа секоја четвртинка исечете ја на тенки попречни парченца (околу 2мм).
За да го формирате тартот врз тестото во калапот распоредете го пирето од јаболка. Потоа под мал агол ставајте ги парчињата свежи јаболки во круг, при тоа секое наредно да преклопува половина од претходното.
Печете го во загреана рерна околу 40 минути на 180 степени, во долната третина од рерната за убаво да се испече тестото.
Пријатен апетит!
Во пирето од јаболки може да додадете шеќер, цимет или други зачини по ваш вкус, но оригиналниот рецепт е без нив. Може да употребите и лиснато тесто како подлога ако го консумирате колачот топол. А вака е убав и топол и ладен. Јас го печев во Делимано калапот за тарт и сум многу задоволна.
Лиценца: Сите права се задржани
Инаку заборавив да напишам дека за горниот слој подобро е да се користат јаболки кои не се брашнести, како Златен Делишес на пр, бидејќи се меки и полесно се сечат.