Овој прекрасен турски специјалитет за прв пат го пробав во Истанбул и од тогаш (пред 8 години) никако да го извадам од глава, а пак и никако да се решам да го направам.
Еве сега му дојде редот, едноставен е, а многу вкусен. Значи страшно добра комбинација со кајмакот се создава, мора да го пробате.
Мене кога ми го предложија тогаш за десерт си помислив, а бе слатко од тиква, па и со кајмак, што ли ќе излезе од ова, ама навистина интересно, особено вкусно, да не можеш да престанеш да се сладиш.

Подготовка
1. Тиквата ја сечеме на кругови и ја лупиме.
2. Ја редиме во тенџере и ја посипуваме со шеќер и цимет. Го затвораме со капак.
3. Ја уклучуваме ринглата на тивко, ја вариме и внимаваме да не ни загори.
4. Доволни се околу 15-20 минути да се свари односно се вари додека да омекне.
5. Потоа малку оставете ја во шербетот, внимавајте да не ја преварите, затоа што таа се доварува и во шербетот, ама не е ништо страшно, пак е вкусна (од искуство).
6. Сервирајте ја со лажица кајмак и сечкано или дробено јаткасто овошје.

Пробајте можеби ќе посакате и две лажици кајмак, ама знам дека еднаш кога ќе пробате пак ќе сакате да се навратите на овој специјалитет. Лесна е за правење, тиквата ја има преку цела зима, може кога сакате да ја направите.

Забелешка
Самата тиква пушта сок, малку колку што е потребно за да не загори. Затоа не се додава ништо освен шеќерот во варењето. Ако ви остане од шербетот искористете го во колачи и торти.
Не сум пробала да ја конзервирам, затоа што тиквата ја има преку цела зима. Освен за во лето да ја ставам во тегли, за Летница...хахахаха...не за зимница... ама ако пробам или пробате ќе си пишеме.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани