Полнето пиле за Божиќ (обезкостено)
Христос се роди! Среќни Новогодишни и Божиќни празници!
Овој рецепт за првпат го спремав пред 18 години кога мојот прв син правеше една година. Навистина е ексклузивно и декоративно да се има вакво мезе на трпеза. Ако не сте виделе до сега ќе се мислите како ли е ова направено, како што се мислев и јас прв пат кога видов и вкусив. За вкусот нема да зборувам, состојките си го кажуваат своето. Со овој рецепт Ви посакувам Среќен Божиќ!
За да откостите пиле една од најважните работи ви е да имате остар нож и се разбира трпение.
Најпрво започнувате со сечење на крилцата на пилето. Потоа ги засекувате батаците во зглоб и внимателно со ножот го симнувате месото од коска т.е гледате да ја отстраните коската од батаците. Јас не ги сечам батаците бидејќи сакам да го задржам и месото што го имаат тие. Потоа го ставате пилето на грб и започнувате внимателно со ножот да засекувате помеѓу коските и месото се додека не ви остане костурот од пилето. Најмногу треба да се внимава каде што треба да се одвои месото, а е блиску до кожата, затоа што потоа ќе истекува филот (ако ја пресечеме кожата).
Поминувате со рака по месото, за да проверите некое ковче да не ви останало.
Суштината е целото месо да си остане, а сите коски да се извадат, не е некоја филозофија, само внимание и трпение треба. За ова откостување ми требаа 40-45 минути.
За полнењето, ги сечкаме на коцки кашкавалот и чајната и во нив кршиме едно јајце, ако се мали јајцата ставаме и две. Јас не ставам зачини затоа што самата чајна е зачинета и вкусна, а кашкавалот солен.
Потоа ја полниме насекаде утробата, го шиеме пилето, со рацете формираме како ролат од него. Пилето го шиеме со игла и готварски конец, ама може и со конец за шиење текстил (испробано и така). Јас му ги врзувам секое крилце посебно и батаците посебно треба да бидат врзани, за да не тече филот, а потоа и ги врзуваме со конец, батак со батак и крилце со крилце.
Го ставаме да се пече во алуминиумска фолија во тава, во која сме ставиле малку вода за да не загори, на 220 степени, додека да се испече.
Се пече некаде околу час и некоја минута, со тоа што пред крајот треба да ја отворите фолијата. Не се врзувајте за времето за печење. Секоја рерна различно работи. Важно е да се испече месото од пилето, затоа што полнењето не се пече, само се топи и се врзува помеѓу себе.
Пред да се сече потребно е да биде целосно изладено, а добро е да отстои и во фрижидер.
Го правев еден ден пред сервирање.
И знам дека свинското месо има приоритет за Божиќните празниици, ама еве и еден придонес кон трпезата со пилешко, кое се разбира ќе си го спремите кога Вие сакате =)
Лиценца: Сите права се задржани