Полека но сигурно,се нанижаа рецепти, како гердан од разни бисери.
Моите бисери се моите различни рецепти кои со љубов и многу посвета им се посветувам секојдневно.
После многуте солени рецепти ќе ве почастам со тирамису кое го спремив како мој 900-ти рецепт.
Горда на својот јубилеј, ќе ви ја прикажам мојата верзија на едно поинакво Тирамису, на едно Тирамису, кое ветува многу со својот состав и вкус. Нема да ја должам многу само ќе ви кажам да ја пробате и да ужувате во овој преубав вкус.

Да ја започнеме подготовката.
1. Во сад изматете ги јајцата па кога ќе бидат пенесто матени, додајте го шеќерот. Во друг сад помешајте го брашното, нишестето, солта и ванилата. Ставете ги во сеалка, па просејте ги дирекно во јајцата. Мешајте со шпатула. Во соединетата смеса додајте зејтин и рум.
2. Префрлете ја смесата во калапот каде ќе печете и ставете во рерна. Печете 15 минутина на 180 степени. Кога ќе добие златеста боја, извадете ја кората од рерна и оставете да излади.
Одиме да ја припремиме кремата.
3. Слатката павлака ја матиме. Маскарпонето мора да е ладно, па се меша со просеаниот шеќер во прав и ликерот од јајца. Се мати додека не се соедини убаво смесата. Желатинот ставете го со вода да набабри. Кога е готов ставете го во касерола да се растопи, но не да зоврие. Ставете една лажица маскарпоне, па доставете го желатинот. Разматете убаво,а потоа цела смеса се соединува со желатинот.
Овој крем изматете го заедно со слатката павлака. Ќе добиете убав цврст крем.

4. За потопување на пишкотите е потребно млекото да го помешаме со ликерот од јајце. Во топла вода разматете ја лажицата инстант кафе, а потоа соединете ја течноста. Одиме со редење на тирамисуто.

5. На дното од калапот го ставаме испечениот изладен пандишпан. Премачкуваме тенок слој од кремот.
Пишкотите ги потопуваме во претходно подготвената течност и ги редиме во калапот врз кремот. Редиме секаде каде има празно место. Пополнетиот калап со пишкоти го премачкуваме со крем, па се така редиме крем па пишкоти, додека не ги потрошиме. Завршуваме со премаз од кремот.
6. Полниот калап го ставаме да се излади, а кога е веќе цврст, го вадиме од фрижидер и со помош на цедалка му просејуваме какао врз површината.
Јас какаото го промешав со несквик. Декорирав со чоколадни линд бомбони. Десертот е преубав кога се служи ладен.

Мислам дека дадов убав опис на подготовката  да може и почетник во кујната да го спреми.
Нека ви е на здравје.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови