Лиснато 3во1
Всушност рецептов е за кифлички, но со тек на годиниве си експериментирав и еве сега имате 3во1.
1. Во млако млеко растворете ја коцката квасец и додадете во сад во кој ќе месите. Потоа додадете ги јајцата, јогуртот, солта и шеќерот и убаво промешајте (квасецот не треба да го оставате да стасува).
2. Потоа постепено додавајте брашно се додека не добиете убаво меко тесто кое не се лепи. Со сигурност ви е потребно 1кг, а потоа од око ќе додавате.
3. Тестото поделете го на 3 еднакви дела и од секој дел направете по 6 топчиња (вкупно 18 топчиња). Маргаринот треба да е на собна температура и да е доста мек за полесно да работите со него. Вообичаено си го делам на 3 дела и него и 1/3 ми е за 1 кора. Во зависност од коричките некогаш ми останува па го користам за подмачкување на плехчињата, а ако не ви стигне ќе си почнете нова коцка.
4. Се прават 3 кори од по 6 топчиња. Топчињата не треба многу да се расукуваат, отприлика колку една средна чинија (имате на сликите подолу). Секоја коричка се премачкува убаво со маргарин и се редат една врз друга 6 корички, последната не ја премачкувате. Така правите со сите 3 кори.
5. Потоа ја зимате првата и расукувате една голема кора. Во зависност колкави сакате да ви бидат кифличките така и ќе сечете. Кората се дели на половина па на четвртини, осмини итн. Кога ќе ги виткате внимавајте не треба да ги притискате или да го тегнете тестото, туку само лесно да се свиткаат. Од една кора правам 16 кифлички. Може да ги правите со сирење, со нешто друго по ваша желба или да ги оставите празни. Ги редите во подмачкано плехче на малку поголемо растојание една од друга.
6. Преминуваме на полжавчињата и погачата. Ја зимате другата кора и повторно расукувате. Целата кора се премачкува со филот (во случајов кај мене е јајце со сирење, но може да си смените по желба), потоа виткате ролат. Од ролатот сечете парчиња со дебелина до 1см. и ги редите во плехчето исто на поголемо растојание. Во однос на погачата постапката е иста, може со фил или без ... разликата е што парчињата ги сечам цик-цак и ги редите во округла тепсија или во садот во кој ќе ја правите погачата исто на поголемо растојание, односно парчињата да не се допираат меѓу себе.
7. Така подготвени сите плехчиња ги оставате 2 часа на собна температура или во затоплена просторија (во зима) да стасуваат. Времето се мери од првото плехче па натаму и така ќе ги зимате за печење.
8. Пред печење премачкувате со јајце и наросувате со сусам (ким, мак, лен). Рерната треба да е убаво загреана на 220С, се печат многу брзо 10тина минути, но ќе си проверувате од време на време.
Добар апетит.
***Малку е долго напишано, но сакав убаво да објаснам.
Можете да правите само кифлички или само полжавчиња со 3 фила. Конкретно овој пат намерно ја оставив едната кора поголема па од тој ролат направив и полжавчиња и една мала погача, а од другите 2 кори направив кифлички.
Лиценца: Сите права се задржани
Izgledaat mnogu privlecno ovie kiflici !!
Постачките така чекаа да омрсат мустаќ со по некој ваков рецепт!!!
Stavaj toa futata, zosto ja nosev !? :))))))
Светле да тие се кифличките, ги почекав малку но ете стигнаа и тука :)