Рецептот ми е запишан од мојата колешка Ема и стои во мојата тетратка едно добри шест години, а никако да го направам. Еве сега го направив со мали додатоци во декорацијата, а оригиналот е само редење на палачинките со чоколадо. Воодушевена сум каков вкус, а и изглед се доби со крајниот резултат, така да ќе се најдат редовно на мени овие прекрасни кралски палачинки.
Подготовка
1. Јагодите ги ставаме на оган со шеќерот и ги вриеме како за слатко. Ја вадиме пената што се создава при вриењето. Јас користев смрзнати јагоди. Така некои 10-15 минути. Потоа ги оставаме добро да се изладат, да го впијат шербетот. Ако си имате слатко или мармалад од јагоди може да го искористите за палачинкиве.
2. Ги двоиме белките од жолчките. Белките ги матиме со шеќерот до цврста пена
Јајцата ги матиме посебно, па го додаваме путерот кој ни е на собна температура. Матиме и додаваме постепено млеко и брашно. Потоа двете смеси ги мешаме заедно, со лажица, за да се добие воздушеста смеса.
3. На загреано тавче (со сосема малку масло, а може и без него, зависи какво тавче користите) ставаме со кутлача од смесата и формираме палачинка која ја печеме само од едната страна. Ја вадиме и на страната која не ја печеме рендаме чоколадо, на ситната страна од рендето. Значи печената страна е од долу, а непечената горе и на неа рендаме чоколадо. Ги редиме сите палачинки една врз друга, со тоа што за секоја ја повторуваме постапката.
Излегуваат околу 15 палачинки, зависи колку ви е широко тавчето.
4. Најгоре на последната палачинка го истураме преливот од јагоди и украсуваме со изматената слатка павлака.
Забелешка
Можеби причината дека не сум ги направила по оригиналната рецепта беше мојот скептицизам околу печењето само на една страна на палачинките, ама сега си ги повлекувам сите помисли околу правењето на оваа вкусотија.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани