Прекрасни коцки кои имаат супер карамел вкус и изобилие на крцкавост.

1. За тестото прво го топиме чоколадото на пареа. Го просејуваме брашното, додаваме пециво и заедно со путерот го месиме. Додека е топло чоколадото го ставаме шеќерот во него и промешуваме да се потстопи. Двете смеси ги замесуваме, со тоа што сме ги додале и мелените бадеми.
2. Смесата ја ставаме на подмачкан и набрашнет плех со димензии 20х30, а јас пак си го искористив Четвратастиот силиконски калап на Делимано, само што го намрсив малку со путер. Тестото го рамниме со рака и потоа го боцкаме на повеќе места со вилушка.
3. Го печеме во загреана рерна на 160 степени иколу 20 минути. Го вадиме од рерна и го ладиме.
4. За подготовка на карамелот во сад на тивок оган ги ставаме шеќерот медот, кондензираното млеко и путерот. Треба да вријат на тивко околу 30 минути. Бојата треба да ја доведеме до златно жолта или пак друг репер дека ни е готово е да кога мешаме со маталката се гледа дното т.е. маталката остава убедливи траги. Ако не го згуснете убаво ќе ви биде течно (пак ќе биде вкусно) и нема да се врзат убаво сите состојки.
При крајот додаваме екстракт од ванила и ги додаваме целите ореви и лешници. Промешуваме и целата смеса ја распоредуваме на тестото. Го ставаме во фрижидер да се лади.
5. За тоа време ја ставаме чоколадата со маслото да се топи на пареа. Откако ќе се стопи го преливаме целиот колач со чоколадото.

Забелешки
Во рецептот не пишува дека шеќерот се меша со стопеното чоколадо,при подготовка на тестото, ама мене така ми се гледаше пологично и пофино за соединување. Можете и кога ќе се стопи чоколадото да го ставите прво во путерот па да го соедините со останатите состојки.
Добро е да се остави колачот во фрижидер 2-3 часа пред да се сече, а не како мене, за 20 минути го сечев, ама што да правам имав гости и сакав да го фотографирам, а ќе се стемнеше. Многу е поубав, помазни коцки се добиваат, карамелот е постегнат, ако отстои во фрижидер.
Во 225 гр чоколадо што ни се става во глазурата ставив бело, млечно и чоколадо за готвење, така имав така ставив сега.
Можете да ги правите само со лешници или пак ореви. Оревите и обичните и индиските се помеки по структура, па би биле и полесни за сечење иако и вака не е проблем.
Добро е да ги потпечете лешниците, а јас ги потпеков малку и индиските ореви.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани