Чоколадна фантазија
Најпрво, во еден сад истопете го маргаринот и чоколадото. Оставете на страна малку да се олади. За тоа време почнете со подготовка на тестото.
За тестото, изматете ги белките во цврст снег. Во посебен сад, изматете ги пенесто жолчките со шеќерот, додадете ги растопениот маргарин и чоколадото. Кога убаво ќе ја измешате смесата, додадете го брашното и прашокот за пециво. На крај, со жица за матење додадете го и снегот од белки и лесно промешајте.
Печете на пек хартија во тавче бр.26, на 180 степени околу 20 мин.
Фил
Додека тестото се печи, спремете го филот. Слатката павлака, шеќерот и чоколадото варете ги на тивок оган додека не зовријат. Мешајте постојано за да не ви загори. Смесата само малку ќе згусни.
Тестото додека е топло избоцкајте го со вилушка на неколку места. Ставете го обрачот од тавчето околу него и прелијте го со топлиот фил. Како што веќе погоре напишав, филот е доста редок, но подоцна ќе се стегне убаво во фрижидер. Колачот, оставете го најпрво да се олади на собна температура, а потоа ставете го во фрижидер (околу 2 часа) за да се стегне филот. Украсете со слатка павлака.
Доколку немате тавче на кое страните му се вадат (со обрач), тогаш може да направите обрач од алу-фолија. Превиткајте ја фолијата неколку пати за да добие на цврстина и стабилност и ставете ја околу тестото.
Колачов е навистина фантазија за љубителите на чоколадото. Има интензивен вкус на чоколадо и затоа препорачувам користење на високо квалитетна чоколада со голем процент на какао, за да вкусот на истата дојде повеќе до израз.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови