Прекрасна торта која кога ќе ја вкусите имате чувство на сладолед торта. Оваа торта ја направив за мојот јубилеен роденден.
Благодарност за рецептот до мојата колешка Јасмина, која секојпат несебично ги споделува сите прекрасните рецепти кои веќе и се редовно на менито, а и тие новооткриените кои ќе и се допаднат.
Подготовка
1. Белките со шеќерот се матат во цврст снег. Се додаваат сечканите и мелените ореви, брашното, пецивото и лебните трошки и внимателно со шпатула се промешува целата смеса. На тавче во кое сме ставиле хартија за печење, а е со димензии 30х40 , ја истураме смесата и ја ставаме да се пече на 170 степени, околу 30 минути. Откако ќе се испече ја оставаме да се лади.
2. Во 200 мл од млекото ги ставаме жолчките, шеќерот, пудинзите и убаво промешуваме. Остатокот од млекото (500 мл) го ставаме на оган до зовривање и потоа ја истураме смесата со жолчките за да се свари. Постојано мешаме со рачна маталка. Го оставаме филот да се лади.
3. Путерот кој ни бил омекнат на собна температура го ставаме со шеќерот во прав пенасто да се измати (јас во статичниот миксер). Го спојуваме со жолтиот крем и убаво промешуваме со миксерот.
4. Смесата ја делиме на два дела. Во едниот го ставаме стопеното чоколадо кое малку сме го изладиле. Промешуваме убаво.
5. Редиме печено тесто со ореви, црн фил, бисквити (кои ги топиме кратко во млеко), па жолт фил. На врвот ја украсив со шлаг крем и чоколадни трошки.

Инаку има интересен настан во врска со тортава кој сакам да го споделам со вас. Со мојата јатрва сме родени во исти ден, иста година и секојпат заедно си ги славиме родендените (тешко на свекрвата...хахаха..). Оваа година ги изнесуваме роденденските торти и јатрвами почнува да се смее и ме прашува како ми се вика тортата, јас и кажувам и таа се насмевнува и вели...мојата е „тројни ужитак“....И така без да знаеме и да се договораме сме направиле торти по идентичен рецепт ( нејзиниот од интернет), се разбира со мали измени.
Забелешка
Важен момент во оваа торта е омекнатиот путер, кој навистина треба пенасто да се измати и кога убаво ќе се спои со кремот, навистина е вкусен како сладолед. Тортата може да ја сечете и на класични парчиња, ама мене некако на коцки ми беше поубава.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани