Мојата Теофанија за свој украс на роденденската торта, овој пат ја одбра Храбрата Мерида.
Јас сум самоук лаик во спремање торти со фондан (со помош на интернет и книги за готвење и украсување се разбира). Можеби нема да ви се допадне украсувањето, ама моите деца беа пресреќни. А тој момент ми е најважен, па затоа и се трудам околу тортите за роденден.

1. Сите состојки за тесто ги мешаме со миксер. Ја делиме смесата на три дела за да испаднат три кори. Го подмачкуваме тавчето со масло и брашно. Ставаме третина од смесата и печеме на 180 степени. Јас ја користев силиконската округла тава на делимано. Откако ќе се испечат сите теста ги оставаме да се изладат.
2. Водата и шеќерот за филот ги ставаме да зовријат малку, колку да се стопи шеќерот, па ги додаваме оревите, мармаладот и го додаваме чоколадото на крај да се стопи. Филот ни е спремен само е потребно да се излади. Доколку се случи филот да ви е густ додавајте по малку вода за да ја добиете потребната густина.
3. Редиме кора, фил, кора, фил, кора и на крај многу тенок слој од филот само за да се залепи фонданот кој ќе го ставаме врз тортата.

Припрема на фондан
Внимавајте на мерките за вода. Јас користам медицински шприц за точност на мерките. Желатинот го ставаме во вода да се растопи. На оган ја ставаме водата со фруктозата и постојано мешаме. Кога ќе почне да врие оставаме само 30 секунди да врие, го тргаме тенџерето на страна и ги додаваме желатинот и глицеринот. Промешуваме, па потоа во една вангличка во која сме го ставиле шеќерот во прав постепено додаваме од жешката смеса. Мешаме со лажица. Кога смесата ќе почне да згуснува почнуваме да месиме со рака. Ќе ни се направи смеса како пластелин или тесто. Го чекаме да се излади па го покриваме со кеса. Вака подготвениот фондан е спремен за формирање.
Користам бои во прав кои ги растворам со една или две капки вода. Ако не го формирате веднаш фонданот оставете го во кеса завиткан.
Ваквиот фондан може да се користи и по 2-3 недели до месец дена. Ако ви е малку стврднат, само ставете го во микровална печка 4-5 секунди и размесете го (важи за помали парчиња на фондан). Внимавајте да не се изгорите. Потоа си формираме фигури по желба.
Тревата на тортата е украсена со шлаг крем во кој додадов зелена боја.

Со фондан најдобро е да се украси по еден ден од филување, за да се поврзат вкусовите, да добие во цврстина тортата, па потоа да се прекрие и украси со фондан.
Фонданот и фигурите од фондан најчесто ги спремам неколку дена претходно, ама може да биде и истиот ден.

Чашата е од 200 мл, а шољата има околу 150 мл.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани