Теглено со фил од коприви
Копривите ги ставаме во вода количина колку да ги облие и ги провриваме во истата околу 15 минути. Потоа ги цедиме во цедалка. Ги сецкаме ситно.
Во тава ставаме зејтин и ги додаваме копривите.Ги пржиме на тивок оган околу десетина минути. Ги додаваме претходно изматените јајца и пржиме заедно неколку минути. Сирењето го рендаме на едрата страна од рендето. Го додаваме во тавата и добро промешуваме без да ја ставаме истата на рингла.
Брашното го просејуваме, го ставаме во сад за месење и правиме кратер на средина. Квасецот го раствораме во мал дел од водата и заедно со изматените јајца и другите состојки потребни за тестото замесуваме средно меко тесто.
Кога е замесено тестото го делиме на 5 дела или на повеќе зависно колкави сакаме да ни бидат теглените кори. Јас од оваа количина направив два плеха. Секое топче го ставаме во поголемо плекче во кое ставаме од 100 мл зејтин околу половина од количината. Ги оставаме десетина минути да одмори тестото и малку да стаса. Земаме едно топче и на намрсена работна површина или чаршав ја теглиме кората полека внимавајки да не се искине почнувајки од средината накај краевите. Големината на кората да биде од прилика како големината на правоаголниот плех.
Ја попрскуваме кората со зејтин. На растојание околу два три прста од двете страни на кората ставаме од филот со копривите и насекаде по целата кора, зависи како сакате. Полека со рацете ја завиткуваме кората од двете страни накај средината на истата да бидат двата краја еден до друг. Кората ја ставаме во подмачкано плекче со маргарин. Така правиме со сите кори.
Во мојот случај теглев и кори кои ги филував само со сирење. Кога сите кори се истеглени оставаме да стаса тегленото тесто околу 25 минути. Печеме на 200 степени околу 40 минути. Кога е испечено плекчето со тегленото го покриваме со крпа добро да се задуши за да омекне.
Се надевам дека ќе ви се допадне мојот предлог за теглено тесто.Со фил од коприви досега и јас немав правено тесто, но сепак за се има прв пат и не се покајав. Вкусот барем за мене и мојот сопруг одличен. Само ќерка ми не сака за неа правев со сирење. Пријатен ручек.
Лиценца: Сите права се задржани
Да си набавам коприви, па ќе се обидам да го направам. :)
pozz Svetle ubav pojadok ste imale:)