Ова е еден рецепт кој неодамна го спремив во мојот дом. Тоа е еден вид на грчко ќофте, но наместо во каша, јас ќе ви прикажам во друга варијанта.

Во стаклена порција го ставаме меленото месо.
Му додаваме рендан кромид ( да биде сочен, водлест )
Наросуваме зачини, сол, па го додаваме миениот ориз.
Ситно сецканото лукче е дел од ќофтето.
Замесуваме со брашното.
Правиме топчиња од смесата и ги редиме на претходно набрашнето тавче. Откако ќе ги направиме сите топчиња, ја земаме тавата и ја протресуваме како да сееме брашно.
Така сите топчиња ќе се набрашнат убаво без да им ја расипеме формата.
Ги оставаме така готови и одиме да го подготвиме останатиот дел од рецептот.

Во тенџерето веќе сме ставиле масло и го пропржуваме сецканиот кромид.
Со алатка за шарање (тоа е резбано ноже со кое се сечат тиквата и лубеницата за слатко ) ги сецкаме морковите и компирите.
Ги додаваме во садот да се пржат.
Додаваме уште една лажица путер, а потоа и доматното пире.
Прелеваме со 1 литар врела вода па ја пуштаме коцката за супа да се раствори.
Оставаме да повари.
Штом почнува да врие, намалуваме топлината и пополека ги пуштаме ќофтињата во тенџерето
Не мешаме туку го намалуваме оганот и оставаме на тивко да се вари околу 30 минути.
Се забележува кога оризот е варен во ќофтињата, а компирот и морковот им се доволни тие 30 минути
Разматуваме една лажица брашно со малку водичка и ја ставаме на крајот врз веќе готовото ќофте.
Сервираме топличко. Вкусот е повеќе од одличен.

Забелешка
(Не помислувајте да промешувате со лажица. Ако го сторите тоа, тогаш ќе добиете каша од мелено месо. Пополека ќе ги спуштите топчињата, а тие сами ќе си се сварат и ќе се сврзат )
На здравје

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови