Бев во дилема што да подготвам за нашата средба на членки готвачи и тимот на Моирецепти, а бидејќи бев и во недостаток на време, се одлучив за оваа лесна, брза и посна варијанта на овој колач, кој се надевам на сите што го пробаа им се допадна. Инаку ова е некоја верзија на посен жарбо колач која јас со години веќе наназад ја подготвувам и секогаш најповеќе во зима и за време на пости.

1. Го замесуваме тестото со кисела вода и го делиме на 3 дела.
2. Секој дел го сукаме четвороаголно со големина на тавчето во кое ќе го печеме. Кај мене е тавче бр. 40 со димензии 38х23.
3. Првото тесто го ставаме на намрсеното со масло тавче, го боцкаме со вилушка на неколку места и го премачкуваме со мармалад од кајсии. Потоа фино го распоредуваме филот од ореви. Тој е малку густ и лажичка по лажичка распоредувате да има насекаде, па со некоја рамна лажица или лопатка за торта го притискате фино да се распореди насекаде.
4. Го ставате вториот дел од тестото, мачкате со мармалад од вишни насекаде, па го ставате филот со афион. Распоредете го убаво, лажица по лажица и измазнете.
5. На крај ставете ја последната кора од тестото и оставете го колачот ½ час во фрижидер.
6. Печете го во загреана рерна на 200 степени околу 35 минути. Откако ќе се излади посипете со шеќер во прав или мелени ореви и исечете го на парчиња по желба.
Забелешка
Користев мармалад од морков и праска кој го имам веќе објавено овде, бидејќи немав од кајсии, ама рецептот со состојките ви го запишав во оригинална верзија.
Кога ќе ги подготвувате филовите треба да ви излезат густи. Јас потрошив мармалад за нив колку што сум пишала во рецептот, ама сепак зависи од густината на мармаладот кој го имате.
Афион имав, ама не мелен, па заврши работа машинката за мелење кафе.
Не ставив кора од лимон, затоа што заборавив од брзање за да го подготвам. Ова го пишувам за да не дојде до забуна кај сите што ќе го подготвуваат овој колач, а веќе го пробаа =) и поздрав до сите!

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани