Мароканска пилешка пита - Moroccan Chicken Bastilla
Ова е еден од најпознатите традиционални марокански рецепти. Најтрадиционално се подготвува со месо од гулаби, но поради достапноста и вкусот најчесто ја подготвуваат со пилешко. Постои и морска верзија со риба и морски плодови.
Доколку побарате на интернет ќе видите дека има најразлични начини на подготовка во однос на филовите и употребата на зачини. Јас ја подготвив на мој начин и прилагодив за наш вкус. Традиционално се наросува со шеќер во прав и цимет и така се служи. Спој на слатко-солени вкусови, кој зачудувачки и изненадувачки функционира. Па сите кои сакате да експериментирате и пробате нешто ново ви ја препорачувам.
1. Користев батаци со карабатци бидејќи месото е најмеко, но може да користите и бело месо. Во поголем сад со малку зејтин запржете ги парчињата месо колку само да добијат боја, па извадете на чинија. Во истиот сад додадете го ситно сецканиот кромид и протиснатото лукче и оставете да се пржат. Сите зачини измешајте ги на страна па додадете ги во садот. Веднаш штом почуствувате мирис од зачините додадете ги парчињата месо, гранчето целер и водата. Нека зоврие, па покријте со капак и намалете на тивко. Нека крчка барем 45мин, за месото убаво да се свари и полесно да се одделува од коските.
2. Кога месото е сварено извадете го од садот, исчистете го од коските и со раце расцепкајте на парчиња. Садот повторно вратете го на оган. Во помал сад изматете ги јајцата и додадете ги во тенџерето. Мешајте на тивко додека не се згусне и јајцата да се сварат. Потоа целата содржина претурете ја во цедалка да се исцеди вишокот течност.
3. Бадемите потпечете ги малку во рерна. Јас користев листови бадем, но може и цели бадеми. Листовите се доста тенки, па само малку со раце притиснете и ќе се здробат, а целите бадеми ќе мора ситно да ги исецкате претходно.
Потоа измешајте се заедно и филот ви е готов.
4. Округла тава (бр 24 или 26) намрсете ја со растопен маргарин. Корите прво премачкувајте ги со маргаринот па наредете една по една 5 кори, но да ви останува и надвор од тавата. Потоа ставете 1/3 од филот. Наредете 3 кори претходно премачкани, па повторно 1/3 од филот. И уште еднаш истата постапка. Од горе покријте прво со 2 кори, па свиткајте ги краевите кон внатре. Потоа со уште 2 од горе и свиткајте кон надвор, односно краевите на тавата и колку може притиснете кон внатре. Премачкајте и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 220С. Обавезно покриена од горе за да не загори. По 15 мин. намалете на 180С и печете околу 40мин. Потоа на поголем плех превртете ја (како бурек) и стаете уште кратко во рерна да се допече.
Малку нека се излади, па послужете посипана со шеќер во прав.
Добар апетит =)
*Ќе си признаам, моите ме погледнаа чудно кога им кажав дека се служи со шеќер во прав и цимет од горе, па ме замолија културно да не им ставам =)))
Парчето на сликата е со шеќер и морам да признаам иако на прв поглед делува невообичаено сепак вкусот е убав. Мене ми се допадна комбинацијата.
Лиценца: Сите права се задржани