Драги мои пријатели, за многу рецепти има приказни како настанале, и до ден денес се на менито на реномираните ресторани. Во овој мој рецепт има многу емоција, поврзана со 91 годишна баба Милка од Купари. Ова лето бевме на одмор во Црна Гора и Хрватска.
Во Хрватска се сместивме во Сребрено, едно од најубавите Јадрански бисери, каде се и Млини и Купари. Од Цавтат до Дубровник се распослани, со својата убавина, во растојание од 10 км, едно до друго.
Цавтат е распослан со целиот свој раскош и луксуз, опиен од мирисот на боровата шума и мирисот на морето.
А Дубровник богат со вековна историја, со единствена убавина, кој го добил името по храстовата шума, Дубрава.
Дубровник е една од најпознатите туристички дестинации
во Средоземно Море, пристаниште и седиште на Дубровничко-неретванската жупанија.

Е сега мојата приказна. Пред 5 години одевме на Корчула и останавме 1 ден на плажата на Купари.
До денес постојат рушевините на хотелите од војната, кои биле таму, но плажата не ја изгубила својата единствена убавина.
Тогаш мојот сопруг ми рече  Кети, ќе одам да видам дали ми е жива газдарицата, во Купари, каде летував 6,7 години како ерген. Замина. Го немаше 4 саати. Дојде видно радосен, со солзи во очите и ми рече.
Вратата беше заклучена, тропнав. И ѝ го слушнав гласот
Ево ме, сад чу ја, пладновала сам.
Мојот маж вели, добро, Милче, сачекачу ја тебе.
А она, зад затворена врата вели Ѓоле сине јел си ти то, сине мој. Емоциии, солзи, приказни за војната. Гласот не му го заборавила после 35 години.

Е ова лето, еден ден појдовме да видиме дали е жива, како е. Тропаме, отвара врата баба Милка.
Поминува само секунда и вели
Јоој, сине мој, Ѓоле, опет си доша да ме видиш.
Нико друг неџе дочи ту, ти си једини. Солзи, приказни, спомени, кои ги надополнија и случајно наминати дојдоа нејзините 3 ќерки и син.
Господ сакаше да се спојат и да зборуваат за прекрасно поминатите времиња од пред 40 години. Таа паметна, држеча старица нè испрати на пат со 2 кошнички домашни смокви, праски. И што уште не. Сама ги берела, уредно ги спакувала.

Стигнавме дома, дел изедовме од овошјето дел остана. Си реков до утре нема да стојат.
Направив 3 мали теглички превкусен, ароматичен мармалад. Колку за спомен.

Подготовка

1. Праските тенко ги излупив и ги пресеков на пола. На смоквите само им ги отстранив дршките и ги пресеков на пола. Ги посипав со шеќер и ги оставив во фрижидер 2 часа.

2. Промешав и ги варев на многу тивок оган околу 1 час. На половина од варењето ги поминав со стапчест миксер. Не додадов ниту ванила, ниту рум. Сакав баш автентичен вкус.
3. Жешкиот мармалад го собрав во жешки тегли.

Уште еднаш благодарам на нашата баба Милка и нејзините деца, кои нè пречекаа како да сме им најблиски роднини. Ова го пишувам со цел, да допрам до многу срца, да кажам колку, нашиот мал гест, направи голема радост во срцето на оваа 91 годишна старица.

Се надевам дека ќе ја видиме и до година.
Само здравје.

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани