Домашна џиновска ресана
Кога ќе се спомне комбинација од портокал и чоколадо веднаш помислувам на ресана. Еве ја мојата џиновска ресана која ОДЛИЧНО оди со кафе-муабет !
1. На тивок оган ја ставаме водата да зоврие. Гумените бонбони ги сецкаме на парчиња (јас имав и коцки и полумесечинки (слика), но ви ги препорачувам вторите бидејќи подобро се топат). Кога ќе зоврие водата ги ставаме бонбоните, додаваме една лажица мармалад и мешаме со лажица додека не се растопат ( околу 5-10 мин). Пред да ги тргнеме од оган додаваме 3-4 капки екстракт од портокал и промешуваме.
2. Една округла чинија да е околу 4-5 цм во дијаметар помала од калапот ставаме хартија за печење ОБАВЕЗНО за да можеме да го одлепиме желето. Го истураме додека е топло и го ставаме во фрижидер да се олади.
3. Во еден сад ги ставаме брашното, солта и пецивото и мешаме со лажица.
4. Во посебен сад маргаринот и шеќерот ги матиме со миксер. Во една длабока чинија посебно со вилушка го матиме јајцето. Откако ќе се соединат маргаринот и шеќерот полека го додаваме јајцето и непрекинато матиме со миксерот. Додаваме и мало лажиче екстракт од ванила. Потоа го додаваме и брашното со сол и пециво. Доколку смесата не се соединува слободно додадете млеко (мене ми беа потребни 5 лажици) треба да се добие не многу густа, но не и многу ретка смеса, проценете сами.
5. Смесата ја истураме во намрсен со маргарин калап. Јас имам бр.26 и мислев дека е многу голем (слика), но откако се испече совршено испадна.
Печеме во претходно загреана рерна на 190 степени околу 15 мин зависно од рерната. Готово е кога ќе добие златно-жолта боја и проверите со чепкалка дали е печено. Кога ќе се испече оставете го добро да се олади (околу 3-4 часа на собна температура)
6. На желето со нож поминете по краевите малку да се оддели од хартијата и кога ќе се олади бисквитот над него го превртуваме желето со чинијата да дојде на средина како кај ресаните, ја тргаме чинијата и полека ја одстрануваме и хартијата (слика).
7. Чоколадите ги топиме на пареа со една лажица масло, ги тргаме од пареата малку да оладат и ја истураме на средина целата чоколада и оставаме сама да се разлее по ресаната. Ако е потребно помогнете си со лажица. Пред да се олади чоколадото со нож засекуваме две хоризонтални и две вертикални линии за да добие изглед баш на ресана и оставаме добро да се олади.
8. Можеби изгледа сложено, но навистина е забавно и многу е вкусно. Има вкус баш како ресана.
Можеби некои од вас знаат некои ‘ финти ‘ со желатин, но јас никогаш не сум користела, а ова испадна баш супер и ви препорачувам да го пробате . На здравје !
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови