Ликерот го добив на поклон и прво што ми падна на памет беше каде може да се искористи =). Оригиналниот колач е само пандишпан и најчесто се подготвува како куглоф, но по долго пребарување наидов и на овој рецепт од Манфред Бакер, ми се допадна па еве го и тука.
Што изменив?
Користев домашни јајца, ХХЛ, па намалив по 1 јајце и за пандишпанот и за кремот. Ја намалив количината на слатката павлака од 600 на 500мл., а количината на ликер се зголеми сосем малку од 175 на 200мл. (повеќе на алкохол да биде нели =))). Исто така во оригиналниот рецепт има и 3 декоративен дел, но го изоставив и декорирав по мое.

1. Одвојте ги жолчките од белките и ставете во сад за матење. Додадете ја водата, кората од лимон и 2 лажици шеќер и матете додека не се растопи шеќерот. Во друг сад пенесто изматете ги белките со солта и остатокот од шеќерот. Додадете ги изматените жолчки и промешајте внимателно со шпатулка.

Во друг сад просејте го брашното, густинот и пецивото, па додадете ги во садот за матење и повторно промешајте. На крај растопете го путерот и внимателно додадете го во садот.

Округла тава бр. 26 обложете го со хартија за печење и претурете ја смесата. Израмнете и ставете да се пече во загреана рерна на 180С, 20тина мин. (проверете со чепкалка).

2. За кремот сосем малку изматете ги жолчките со шеќерот, сварете крем на пареа со постојано мешање. Во помал сад растворете го желатинот и оставете да стои 5-6мин. Кога жолчките се сварени тргнете го садот и додадете го желатинот (претходно растопете го на тивко) и промешајте. На крај додадете го и ликерот, промешајте и оставете да се излади.
3. Во сад за матење ставете ја слатката павлака и матете додека не се добие цврст снег. Додадете го оладениот крем и матете додека не се изедначи смесата. На крај додадете го крупно ренданото чоколадо и убаво промешајте.
4. Оладениот пандишпан поделете го на 2 кори. Пожелно е редењето да го правите во калап со прстен затоа што кремот е поредок од нормалните путер кремови (подоцна ќе реагира желатинот и ќе се зацврсти). Кората ставете ја на дното од калапот и премачкајте со половина од филот. Внимателно поклопете со другата кора, ставете го целиот фил и израмнете. Ставете ја во фрижидер да се стегне.
5. Шлагот подгответе го според упатството со 220мл. млеко и шеќер по вкус. Премачкајте ја тортата и декорирајте по желба понатаму.

Добар апетит =)

Пресек ќе следи накнадно, кога ќе се пресече =)
Белките може да ги искористите за Заборавените колачиња на Лили па да имате и дополонително благо за празниците =)

Ќе искористам и да ви честитам Божиќ на сите, да сте ми живи и здрави и секогаш насмеани =)

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани