Еве една вкусотија од која не можам да се воздржам, а да не сркнам повеќе чинии.
За некој малку одвратен мирис од јагнешкото, но за мене совршен дел од Велигденскава трпеза.

Пошто децата не ја сакаат, јас си поканив одбор дружина, па не му дадовме да одмори на ова слатко предјадење.

Пред подготовката на чорбичево, го оставам главчето, (јас ставив две ) да отстои во вода, да си испадне од него крвта убаво, да се исчисти.
Потоа го префрлам во лонец и му додавам блендирани лук, магдонос, кромид нане, мајчина душица, морков.
Оставам и ловоров лист врз главата, па зачинувам со мешан зачин, црн бибер и сол.
Полевам вода и оставам да се вари убаво затворено и на тивко.
Нека се вари околу 1 час се додека коските не се двојат од мевцето.
Го вадам на страна вареното главче во тавче и вадам се што треба да се отстрани-коските, го лупам јазичето, јас ги отстранувам и очите.
Остатокот од главчето го цепкам и заедно со мозочето, обравчињата и остатокот мевце го враќам назад во лонецот.
Пробувам како стои со зачин, ако нешто фали додадете си по вкус.
Доставам вода, ако гледам дека е малку чорбата.
На страна ситно сецкам едно младо кромитче, па го запржувам на масло. Додавам 2 лажици брашно да зарумени малку и запржувам чорбичката.
Земам јајце и ја двојам белката од жолчката.
Во белката ставам 5 лажици млеко и разматувам.
Полека со едната рака ставам во чорбата, а со другата со вилушка матам дирекно во чорбата да не се прават грурки.
Постапката ја повторувам со жолчката но наместо со млеко, жолчката ја мешам со мал дел од чорбата.
Пред вадење, додавам ситно сецкан магдонос.
Кој сака вакви чорбички, обавезно нека ја подготви.
Покрај чкембе чорбата ова ми е втора омилена од јагнешкиве делчиња.
Забелешка
Кој сака може за дополнување да стави и 200 гр ориз. Јас не го сторив тоа.

Малку бев долга со текстов, ама многу сакав да го презентирам точно *)*)
На здравје

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови