Велат дека овој десерт потекнува од Шпанија и Португалија каде се вика Мембријо, ама го имаат и Италијаните кои го викаат Котоњата. Јас прв пат го пробав кога се омажив и со него ме послужи комшивката Верка, “по старски“, на сребрен послужавник, десертот обликуван во полутопка, со сребрени лажичина, на страна, секој по еднаш да си земе и по една чаша вода, а чашите од боено Венецијанско стакло. Чиста декаденција .... Е, ако некој знае како точно се вика на Македонски, ќе побараме од МР да го променат името...

Дуњите исчистете ги од семките и исечете ги на покрупни парчиња. Ставете ги во средно големо тенџере со капак, прелијте ги со вода колку да ги покрие, додајте го сокот од лимон и варете ги на среден оган покриени додека да омекнат.
Малку нека се оладат, исцедете ги од течноста и испасирајте ги низ преса за храна или со рачен блендер. Треба да добиете сосема мазно пире. Течноста испијте си ја како компот.
Во тенџерче измерете го пирето од дуњите со шоља. Колку шољи пире толку шољи шеќер. Измешајте и варете на средно силен оган со повремено мешање додека не добиете сосема густа маса со боја на темен килибар. На крајот смесата треба да пага од лажицата, а по дното на тенџерето да останува широка трага која се задржува десетина секунди.
На плехче со големина 20 на 20 цм ставете хартија за печење со издигнати рабови. Разлијте ја смесата и оставете да се стврдни во фрижидер.
Сечете ја на коцки кои можете да ги чувате во кутија со хартија помегу редовите повеќе време, дури и пар месеци.
Можете и да ја ставите смесата во силиконски калапи по ваша желба, или да ги извалкате пред послужување во кристал шеќер, па ке бидат како желе бомбони. Извалкани во шеќер не можат да стојат во фрижидер, зошто ќе пуштат вода.
Уживајте...

Фотографиите во овој рецепт се авторски фотографии.

Лиценца: Сите права се задржани