Јафа торта, без печење со два фила
Тортава си ја направив само за да ги искористам ресаните кои беа потсушени. Јас ете не сум многу мерак на торти, ама оваа торта толку е вкусна, кремаста, сочна, со шмек на портокал и орев, фантазија!
Следен пат ќе си направам стандарден пандишпан и ќе дојде повисока. Во подготовката на крајот ќе ги напишам и состојките за пандишпанот па ваш е изборот што ќе ставите како пандишпан. Рецептот е за помала торта, а ако правите поголема, удвојте го филот. Овој фил исто така може да го користите за секакви торти и колачи - без грешка.
Подготовка:
1. Прво се припрема филот. Измешајте ги шеќерот и просеаното брашно, ставете ги во млекото, додадете ванила, и во тенџере загревајте со постојано мешање како кога ќе правите пудинг. Се меша додека не се згусне смесата, можи да користите и миксер. Оставете да се олади.
2. Потоа поделете го филот на 2 дела. Во едниот дел додадете 3 лажици какао крем и изматете со миксерот. Во другиот дел додадете попарени ореви претходно измешани со шеќерот. Исто изматете со миксерот. Ќе добиете еден светол и еден темен фил.
3. Потоа во кружен калап бр.24, додадете ги искршените бисквити претходно измешани со сокот од портокал и растопениот путер. Натапкајте ја убаво смесата, па нанесете го едниот фил. Наредете одозгора јафа кекси со чоколадниот дел свртен надолу, попрскајте ги со малку млеко, па одозгора нанесете го и другиот фил.
4. Подгответе ја глазурата. Растворете го густинот во ладното млеко убаво да нема грутки, додадете го чоколадото и путерот и загрејте ја смесата убаво. Mешајте додека не се соединат сите состојки и додека не се добие густина на глазура. Ако евентуално ви е прегусто, додадете малку млеко. Веднаш нанесете ја глазурата одозгора врз тортата и ставете ја во фрижидер да се зацврсти убаво.
На здравје.
Забелешка: Ако правите пандишпан, изматете 6 јајца со 6 лажици шеќер, додадете 6 лажици мелени ореви, 1 пециво, 200 мл сок од портокал и 2 лажици брашно. Измешајте убаво и ставете ја смесата да се печe во истиот калап или малку поголем. После печење и ладење, се дели на 2 хоризонтални дела и се филува. Вака е оригиналниот рецепт за орев торта со 2 фила.
Лиценца: Криејтив Комонс - Наведи извор - Некомерцијално - Сподели под исти услови